Едукативни работилници за деца, дебата и изложба на Кондовски на фестивалот „Литера“

Едукативни работилници за деца, изложба на илустрации од уметникот Димитар Кондовски и дебати ќе бидат дел од програмата на вториот Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, кој од 14 до 19 октомври со почитување на здравствените протоколи ќе се одржува во галериите Мала станица и Даут-пашин амам, во Националната галерија на Македонија.

Фестивалот ќе биде отворен на 14 октомври од 19 часот со изложба посветена на доајенот на македонската ликовна уметност Димитар Кондовски. На 16 октомври во 19.30 часот во „Europe house“ во Скопје ќе се одржи дебата на тема „Како децата се запознаваат со предизвиците во животот преку литературата?“.

Ќе учествуваат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф.д-р и писател Владимир Мартиновски, Искра Димковска од издавачката куќа „ Сказнувалка“ и психологот Христина Стефановска.

Во рамките на фестивалот „Литера“, кој го организира агенцијата „Ефектива“, ќе бидат организирани и неколку работилници на кои ќе може да учествуваат помал број деца.

На последниот ден, 19 октомври, во „Europe House“ ќе бидат доделени три награди за најдобрите македонски публикации меѓу две фестивалски изданија: за најдобра детска книга, за најдобра илустрација и издание во целина.

You May Also Like