На локалитетот Врбјанска Чука во Пелагонија продолжуваат истражувањата кои се насочени на населбата формирана пред 8 000 години, како и деловите од доцната антика и средниот век…
На археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија овој месец продолжуваат истражувањата кои се насочени на неолитската населба формирана пред 8 000 години, како и на фазите на овој локалитет во доцната антика и средниот век.
Во истражувањата се вклучени археолози и студенти од Македонија, Германија, Полска, Словенија и Чешка, а во рамките на проектот се прават анализи со стручни лица од повеќе институции во Швајцарија, Шпанија, Франција и Србија.
Покрај проучувањето на материјалната култура, архитектурата, стопанството и општествените процеси, истражувањата вклучуваат и примена на геодетско документирање, археоботаника, археозоологија, геомагнетно скенирање, дигитална топографија, геоархеологија, фотограметрија и 3Д моделирање, дронска ортофотографија, изотопски, радиокарбон и функционални анализи.
Годинашните теренски истражувања на Врбјанска Чука се во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп и Институтот за старословенска култура.