Денеска (сабота, 27 април 2013) во 12:00 часот во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи предматурска забава на отворено „Ѕвони за забава“.
Станува збор за настан што се организира за првпат во Македонија, на кој матурантите од цела Македонија преку забава со познати водители, пејачи и диџеи, ќе можат да се информираат за повеќе студиски програми и да добијат многу подароци и попусти за нивната матурска вечер.
Забавата е замислена како училиштен ден со седум часа, на кој класни водители ќе бидат Ненад и Ксенија. Предавачи по македонска забавна музика ќе бидат ексклузивците на продукцијата „Горила“: Тамара Тодевска, Магдалена Цветкоска Ена, Димитар Андоновски и Дарко Илиевски, часови по странска музика ќе предаваат DJ Dela и DJ Branchez, а час по танцување ќе одржат предавачите од студиото за модерен танц „Break a leg“.
„Сметаме дека ваквиот вид на забава која таргетира матуранти и средношколци е неопходна за овој период на предматурски подготовки. Тинејџерите обожуваат да се забавуваат и квалитетно да го поминат нивното време. Ние, во сабота, освен што ќе понудиме квалитетна забава, присутните ќе ги изненадиме и со многу подароци, ќе делиме ваучери за попуст, а најважно од сè, ќе ги информираме матурантите за можностите по кој пат да чекорат во нивниот живот, кога станува збор за нивното образование“, велат од организацискиот тим на Ѕвони за забава.
Додека траат часовите по забава, матурантите и останатите средношколци ќе можат да се информираат за студиските програми на повеќе факултети, да добијат ваучери за попуст за производи и услуги за матурската вечер, а предвидени се и други изненадувања и подароци за присутните.
Ѕвони за забава треба да прерасне во традиционална манифестација која обединува забава, образование и култура и ќе се одржува секоја година во овој период. Настанот е во организација на агенцијата „Кликер Маркетинг“, а сите информации можат да се добијат на Фејсбук-страницата „Ѕвони за забава“.