Шишиња вода и совети за заштита од топлиот бран

Денеска (понеделник,9 јули) градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, заедно со членовите на мобилните тимови на Црвениот крст на граѓаните им делеа шишиња со вода и брошури со совети како да се заштитат од топлотните бранови и температури над 40 степени целзиусови.

Град Скопје во соработка со Црвениот крст на град Скопје, изминатите пет години, реализираат активности за поддршка на кризни интервенции за брзо и ефикасно дејствување во случај на непогоди, кога температурата ќе се искачи над 40 Целзиусови степени.

Мобилните тимови на Црвениот крст на град Скопје ги обиколуваат најфреквентните места во градот, (автобуски станици, пазари, трговски центри, здравствени организации) и делат шишиња со вода, мерат крвен притисок, а онаму каде што има потреба укажуваат прва помош и ги превезуваат старите и изнемоштени лица  до нивните домови.

Во функција е и бесплатната СОС линија на која обучени волонтери на Црвениот крст одговараат на повици на заинтересираните граѓани и ги информираат и советуваат како да се заштитат од високите температури.

Градот Скопје, во рамките на мерките кои се преземаат за справување со топлотниот бран, на компаниите кои се  ангажирани за изведување на градежни активности им даде препорака за намалување на работното време, а градската администрација ќе го промени работното време и ќе работи од 7 и 30 часот до 15 и 30 часот.

Мобилните тимови денеска, како и во наредните неколку дена, поради високите температури, во најтоплиот дел од денот (од 11 до 17 часот), низ улиците на Скопје, на граѓаните ќе продолжат да им делат шишиња вода како иинформативно-пропаганден материјал во којшто се содржани совети за тоа како можат да се заштитат од топлотниот бран.

Секоја година за поддршка на активностите на Црвениот крст на град Скопје, за кризни интервенции, Градот од Буџетот издвојува 500.000,00 денари.

 

You May Also Like