Успешни „Денови на културата на Република Македонија во Анкара“

Со бројни овации и аплаузи синоќа во реномираниот „Mузеј на слики и скулптури“ во Анкара (Турција) беа поздравени настапите на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ и триото „Интерарт“, во рамките на отворањето на дводневната манифестација „Денови на културата на Република Македонија во Анкара“.

Во присуство на бројни гости од дипломатскиот кор, македонскиот амбасадор во Анкара, Горан Тасковски, првиот секретар на Министерството за култура на Турција, Озгур Аслан, градоначалникот на општина Кечиорен, Мустафа Ак, заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ во своето обраќање истакна дека презентацијата на македонската култура во престолината на Турција е значаен придонес во зацврстувањето на македонско-турското пријателство.

„Владата на Република Македонија и Министерството за култура досега реализираа низа активности насочени кон продлабочување на меѓукултурниот дијалог со Република Турција“, рече Недељковиќ и додаде дека македонскиот и турскиот народ ги поврзуваат многу заеднички нишки, меѓу кои е и името на големиот политичар и лидер Мустафа Кемал Ататурк, чија родителска куќа наскоро ќе биде реконструирана село Коџаџик, Центар Жупа.

Во надворешниот дел на „Музејот на слики и скулптури“ со особен интерес беше проследена и изложбата на фотографии од Македонија, на кои се претставени природните и културно-историските убавини на нашата земја.

Во општината Кечиорен во Анкара, се одржа и панел-дискусија по повод дваесет години дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Република Турција. На панел-дискусијата, заменик-министерот Недељковиќ истакна дека претстојат уште низа проекти преку кои ќе ја потврдиме и ќе ја продолжиме долговечноста на македонско-турското пријателство. Учествуваа и академикот Луан Старова, како и историчарот и директор на Музејот на македонската борба Бранислав Светозаревиќ кои ја потенцираа стратешката важност и долгогодишната плодна соработка меѓу двете земји.

„Деновите на културата на Република Македонија во Анкара“ се одржаа во целосна организација на Министерството за култура на Република Турција, Амбасадата на РМ во Анкара, општината Кeчиорен, како и со поддршка на Турската интернационална агенција за соработка и развој -ТИКА.

You May Also Like