Денеска (четврток, 19 јули) официјално беше пуштена во употреба новата туристичка линија, на којашто ќе сообраќа двокатниот автобус наменет за панорамско разгледување на градот Скопје.
Автобусот што ќе тргнува од пред Портата Македонија, ќе вози по улицата Димитрије Чуповски кај поранешен Рекорд, па десно по булевар Св. Климент Охридски покрај Соборниот Храм, десно покрај Владата на РМ, па преку мостот Гоце Делчев покрај Стариот театар, Музејот на македонската борба за државност и самостојност, Музејот на Холокустот, до црквата Св. Спас и Мустафа пашината џамија, па до Кале, а од таму се до Старата железничка станица, па повторно назад до Портата Македонија.
Автобусот ќе сообраќа секој ден, во два термини претпладне (11 часот) и попладне (17 часот), со почетна станица пред Портата Македонија, а туристите и граѓаните во градот Скопје ќе можат да се запознаат со најатрактивните туристички знаменитости во централното градско подрачје на Скопје.
За потребите на новата туристичка линија, ќе биде ангажиран туристички водич којшто најбитните информации поврзани со знаменитостите во градoт Скопје, ќе ги презентира на најмалку два јазика.Билетот за оваа туристичка понуда на ЈСП- Скопје и Град Скопје ќе чини 35 денари. .
Во завистност од интересот, туристичката линија по којашто ќе сообраќа панорамскиот автобус, во иднина ќе биде збогатена со нови културно-историски содржини, во автобусот ќе има мапи на градот Скопје со јасно дефинирана маршута по којашто ќе се движат туристите, а во автобусот има и безжичен интернет.
Новата линија официјално во употреба ја пуштија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на Јавното сообраќајно претпријатие-ЈСП Скопје, Мишо Николов.