Пиволенд 2011 спремен да стартува

Од 31-ви август до 4-ти септември 2011 година, на паркингот пред СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе се одржува четвртиот по ред Гурмански викенд со пиво „Пиволенд 2011“. Фестивалот на пивото се одржува под покровителство на Град Скопје, а е во организација на Здружението на граѓани Пиволенд и Password production.

– Годинава за Манифестацијата се пријавија рекорден број пивопроизводители, увозници и дистрибутери, а се очекува и бројот на посетители да биде поголем од лани. Град Скопје годинава направи промена на локацијата за да ги задоволи потребите на оние што ќе ги истакнуваат своите брендови на штандовите, но и да им обезбеди подобри условите на посетителите. Бидејќи сакаме да го реализираме овој петдневен фестивал најдобро што можеме, затоа со Јавното претпријатие ЈСП организиравме превоз до Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и назад, а билетот ќе биде со редовна цена на чинење (30 денари н.з.), истакна Слободан Ќосев, раководител на Секторот за локален економски развој на Град Скопје.

Ќосев додаде и дека, за посетителите на Фестивалот, ако има потреба, ќе бидат ангажирани и повеќе брендирани автобуси коишто ќе ги превезуваат патниците на одредените релации:

Почетна станица – Транспортен центар со време на поаѓање во: 17, 18, 19, 20,
21, 22, 23 и 24 часот.

– За враќање, автобуска станица кај Салата „Борис Трајковски“ (Воена болница)
во: 17:30, 18:30, 19:30, 20:30, 21:30, 22:30, 23:30 и 00:30 часот.

Во петте фестивалски вечери ќе настапат познати музички имиња од Македонија и од странство. Од домашната музичка сцена: Есма Реџепова, Синтезиз, Ареа, Љубојна, Фолтин, Летечки пекинезери, а на отворањето ќе настапи нашиот најпознат Диџеј, Кирил Џајковски.

Од странските музички ѕвезди на „Пиволенд 2011“ ќе настапат Јура Стублиќ и групата „Филм“; Хладно пиво; Ритам Нереда; Magnifico; Gillespie; Lollobrigida; E.T.; Roni Size; Darkwood Dub и многу други.

Организаторите на Манифестацијата, упатија апел до сите гости и посетители на „Пиволенд 2011“, да внимаваат каде ги фрлаат отпадоците, затоа што оваа година на местото на настанот, на неколку локации ќе бидат поставени жичени контејнери за селектирање отпад.

За манифестацијата „ПИВОЛЕНД“ автобусите ќе се движат по следнава траса:

За доаѓање:

– Транспортен центар; Комплекс Банки; Југодрво; Плоштад Рекорд; Соборен храм; хотел Карпош; Поликлиника Букурешт; Воена болница (сала Б.Трајковски)

За враќање:

– Воена болница; бул. Илинден; бул. 8-ми Септември; бул. Партизански Одреди; плоштад Рекорд; Зелен пазар; Југодрво; Транспортен центар.

You May Also Like