Кочани – Град на културата за 2012 година

Општините Кочани, Крушево, Крива Паланка, Тетово, Струмица, Чаир, Ресен, Неготино и Битола годинава се пријавиja на конкурсот што го распиша Министерството за култура, за организирање на манифестацијата „Град на културата“.

По разгледувањето на пристигнатите пријави кои што ги задоволуваат критериумите, согласно конкурсот, стручна комисија одлучи, со разновидната програма што ја понуди, Кочани да биде општинaта – годинашен организатор на оваа значајна манифестација што се одржува по деветти пат. Оваа одлука беше објавена во Годишната програма за култура за 2012 година.

Проектот на Општина Кочани содржи конкретни квалитетни и разновидни културни содржини од сите дејности на културата. Во рамки на манифестацијата, анимирани се сите установи и здруженија на територијата на општина Кочани, почнувајќи од Центарот за култура „Бели Мугри“, Библиотеката „Искра“, здружението на граѓани „Мактеон“ и други. Во рамки на програмата, вклучени се и сите постоечки фестивали и манифестации кои ќе бидат реализирани под еден белег, Град на култура 2012 година. Предвидени се музички манифестации од сите жанрови, саеми на книга, детски драмски фестивали, поетски фестивал, изложби и новогодишни концерти.

Покрај централното градско јадро, во манифестацијата вклучени ќе бидат и околните општини како што се општина Облешево, Зрновци, Македонска Каменица и Виница, што од друга страна отсликува една висока општествена, но и културна одговорност на поразвиените и поголеми општини за културно раслојување, и овозможувајќи им при тоа на своите сограѓани достапност до сите културни добра. Вака конципираниот проект ќе овозможи одржливост и континуитет во културната политика на Кочани.

На конкурсот можеа да учествуваат сите општини во Република Македонија. Тие имаа обврска да достават програма со препознатлива културна традиција, како и презентација на актуелните културни вредности.

Покрај тоа што програмата требаше да содржи цели и очекувани ефекти од проектот, во неа требаше да бидат наведени и просторните капацитети во кои ќе може да се реализира манифестацијата „Град на културата во 2012 година“.

Манифестацијата се организира заради дисперзија и развивање на културата, а културните содржини што ги финансира Министерството за култура да станат достапни за сите граѓани на Република Македонија.

Досега домаќини на ова случување, кое придонесува за создавање рамномерен културен развој и достапност на граѓаните до културните вредности и нивно масовно користење, беа Радовиш, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Велес, Кавадарци и Гевгелија.

You May Also Like