По повод смртта на акад. Луан Старова, Македонската академија на науките и уметностите, Друштвото на писателите на Македонија и Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ќе одржат заедничка Комеморативна седница во Свечената сала на МАНУ, на 2 март (среда) 2022 година, со почеток во 10 часот.
Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 24 февруари 2022 година, во 81 година од животот, почина акад. Луан Старова, редовен член на МАНУ.
Акад. Луан Старова е роден на 14 август 1941 г. во Поградец, Албанија, а од 1943 год. со семејството се преселува и живее најнапред во Струга, кратко време во Тетово, а потоа во Скопје од 1945 година. Основното образование завршува училиштето „Гоце Делчев“ во Скопје, во учебната 1955/1956, на македонски јазик, со што ја одбележува својата билингвална предодреденост – албанскиот како мајчин јазик и македонскиот како јазик на koj се образува. Матурира во гимназијата ,,Јосип Броз Тито’’, во учебната 1960/1961 г. Во текот на студирањето Француски јази и книжевност со Историја на уметноста како втор главен предмет, се вработува како новинар, а потоа и како главен и одговорен уредник на весникот „Млад Борец“.Бил на младински и партиски функции. По дипломирањето во 1967 година, во Радио Скопје работи како новинар. Во 1968 г. станува главен и одговорен уредник на емисиите на албански јазик на Телевизија Скопје.
Истата година започнува ги следи постдипломските студии по теорија на книжевноста, со специјалност од француската литература на Сечилиштето во Загреб. Под менторство на проф. д-р Антун Поланшчак, откако со одличен успех ги заврши постдипломските студии, го одбрани магистерскиот труд, на тема „Балканот во прозата на Гијом Аполинер“. Во текот на 1972/1973 г., како стипендист на Француската влада престојува во Париз, на специјалистички студии на Универзитетот Нова Сорбона. Во 1974 г. е избран за асистент на Филолошкиот факултет во Скопје на групата за француски јазик и книжевност, по предметот француска книжевност. Повторно, како стипендист на француската влада, во текот на 1975 г, престојува во Париз, каде што работи на својата докторска дисертација. Во 1978 г, во Загреб, со одличен успех ја одбрани докторската дисертација, под наслов „Делото на Фаик Коница на француски јазик и неговата соработка со Гијом Аполинер“, под менторство на Предраг Матвеевиќ објавена во Париз:,, Faȉk Konitza et Guillaume Apollinaire, Une amtitié éuropéеnne’’(1998), а во 1998 година книгата објавена во Тирана со предговор од Исмаил Кадаре.
Во 1979 година избран е за потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство на Македонија. Бил прв главен и одговорен уредник на македонското издание на Гласникот на УНЕСКО, член на редакцијата на меѓународното списание ,,Балкан –Форум’’ Во периодот до 1982 г. учествува со свои прилози на светскиот конгрес на Меѓународната асоцијација за компаративна литература во Њујорк, на меѓународниот симпозиум на Институтот за хуманистички науки во Мадрид, одржан во Барцелона, а за време на едномесечниот студиски престој во Кина, на Универзитетот во Пекинг држи предавање од областа на балканските литератури.
Во 1985 г. е именуван за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФР Југославија во Република Тунис. Именуван е и за прв амбасадор на СФРЈ во Палестинската држава. За овие свои дипломатски мисии, од претседателот на Република Тунис, го добива високото одликување Голем офицер од редот на Републиката и посебно признание од Јасер Арафат како прв амбасадор во државата Палестина. Во 1990 г. е избран за редовен професор по предметот француската книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Избран е и за шеф на Катедрата за романски јазици и книжевности. Предава и на постдипломските студии од областа на европскиот роман. Во 1992 г. престојува во Виена, каде што во Државниот архив работи врз документите од преписката на Фаик Коница со последниот австроунгарски министер за надворешни работи баронот Агенор Голуховски. Во текот на 1993 г., присуствува со свој прилог, „Фаик Бег Коница – една незавршена симфонија“, на биеналниот симпозиум во Ставло, Белгија, на тема „Аполинер и неговите европски пријатели“, кој е објавен во Зборникот на Нова Сорбона, а учествува и на Меѓународниот поетски фестивал во Квебек, Канада.
Во 1994 г. е именуван за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Република Франција,како прв постојан претставник во УНЕСКО и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија. Во 1997 г. е избран за член на Академијата на амбасадорите, односно Prix des Ambassadeurs при Француската академија. Во 1998 г. е избран и за редовен член на Медитеранската академија, со седиште во Неапол. По завршувањето на својата дипломатска мисија, се враќа во земјата и продолжува да работи како професор по француска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Избран е како визитинг професор на Универзитетот за источни студии во Неапол, а предава француска книжевност и на Универзитетот на Источна Европа „Ван дер Штул“ крај Тетово. Бил потпретседател на Друштвото на писателите на Македонија и на Советот на Струшките вечери на поезијата.
Акад. Луан Старова е автор на обемно научно дело од областа на романистиката, поспецијално на француската книжевност, албанската и македонската, како и компаративната книжевност. Автор е на над 200 библиографски единици на разни стручни, научни трудови и студии објавувани во земјата и странство. Автор е на преводи на дела на Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Андре Френо, Пабло Неруда, Гилвик, Едгар Морен, Исмаил Кадаре, Антон Пашку и други. Тој е автор и на обемен книжевен опус, во првата фаза е автор на бројни книжевни студии, монографии, пишуван на македонски, албански, автор е книгата ,,Француски книжевни идеи на XX век’’. Објавувал студии за Гијом Аполинер, Андре Френо, Анатол Франс, Андре Жид, Сартр, Марсел Пруст, Андре Малро, Албер Ками, Адонис, Исмаил Кадаре, Никос Казанѕакис и други. Автор е на студии за односите на балканските литератури кон европските (книгата ,,Релации’’- огледи и студии од балканските литератури, Мисла, Скопје, 1980.) Автор е на книжевни патописи од своите патувања во Скандинавија, Франција, Англија, Германија, Магреб,Шпанија, Турција, САД , Кина и други земји( ,,Луѓе и мостови’’ , ,,Пријатели’’ , Кинеска пролет’’, Барикади на времето’’ и други. )Во 1991 година ја објави единствената збирка поезија ’’Песни од Картагина’’ (1991), потоа преведена на француски јазик со предговор на Адонис (2002), на италијански (2002), објавена е и преобјавена на албански јазик (1991 и 2015) под наслов ,,Kartagjena nuk mposhtet’’.
Посебно место зазема неговата „Балканска сага“, еден вид циклични романе, составена од романите 1.„Татковите книги“ (1992),2. „Времето на козите“(1993), 3.„Балкански клуч“(1995), 4. Пресадена земја(1998) 5. „Атеистички музеј“(1996), 6.„Патот на јагулите“(2000) 7,,Тврдина од пепел’’ (2002) 8.,,Балкански жртвен јарец’’ 9.(2003),,Ервехе-книга за една мајка’’(2005) 10.,,Љубовта на генералот’’(2008), 11.,,Потрага по Елен Лејбовиц’’ (2008) 12.,,Амбасади’’,(2009) 13.,,Нови Амбасади’’(2011),,14. ,,Граница’’(1914) 15.,, Балканвавилонци’’(2014) 16.,,Враќањето на козите’’(2016) и 17.,,Полифонисти’’(2016). Во проект на реализација се и романите 18,,Нови јаничари’’ и 19,,Генералот и пеперугата’’.Во француската книжевност ,,балканската сага’’ е вредена во големите европски романи а за неа пишувале познати европски писатели и академици како филозофот и социологот Едгар Морен, постојаниот секретар на Француската Академија Морис Друон и членот на Француската академија на моралните и политичките науки,Антоан Жерал, Виктор Фридман, Нуло Миниси, писателите Адонис, Ален Боске, Мари-Франсоаз Ален, Роже-Луј Жино, Робер Бадинтер, Жан-Ив Потел, Жил Лапуж, Елен Лејбовиц, Алекси Лорка, Жак Гошрон, Франсис Вибрандс, Василис Василикос, Предраг Матвеевиќ,Франко Алтимари, Петер Рау, Габриела Шуберт, Недим Гурсел, Никола Ковач,Леон Сомвил, Патрик Крисман,Ерик Ноло,Ерик Фај, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Георги Старделов, Ферид Мухиќ, Венко Андоновски, Елизабета Шелева, Катица Ќулафкова,Јелена Лужина, Елисавета Поповска Ристо Лазаров, Али Алиу, Шабан Синани, Џеват Лоши, Луан Топчиу, Али Подримја, Вирион Грачи, Јорго Було, Фатмир Сулејмани, Африм Реџепи и други.
Романите од оваа книжевна сага досега се преведени и на француски, германски, италијански, шпански, руски, полски, романски, грчки, турски, бугарски, фински, хрватски, српски,англиски, есперанто и на други јазици, а делумно и на словенечки и унгарски јазик. Преведените романи од балканската сага во странство се придружени од низ признанија и одбележувања на промоции во Париз, Вашингтон ( во Конгресната библиотека) во Виена, Франкфурт, Гетеборг, Варшава, Цирих, Јена, Загреб, Букурешт, Софија, Атина, Тирана, Истанбул,Торино и други. Романите од балканската сага се номинирани и влезени во најтесен избор на наградите: Најдобар објавен странски роман за 1997 година во Франција, Најдобар европски роман ,,Жан Моне’’, Најдобар роман објавен на полски јазик за Центреална и Источна Европа ,,Ангелус’’ и други. За балканската сага се објавени и се во тек на објавување докрски дисертации во Македонија, Албанија, Италија, Полска и други земји. Мариа Куглерова на Универзитетот во Варшава ја одбрани докторската дисертација под наслов: ,,Луан Старова: реконструкција на балканската свест’’.Фатмир Сулејмани на Универзитетот во Тирана ја одбрани докторската десертација: ,,Балканската сага на Луан Старова- едно херменевтичко читање.’’
За своите книжевни дела е добитник на повеќе национални и меѓународни признанија и награди: наградата „Крсте Мисирков“ за публицистика, наградата „11 ноември“ на Скопје за книжевно дело ,,Луѓе и мостови’’(1971), републичката награда „11 октомври“ за книгата есеи и студии ,,Доближувања’’(1976), првата награда на конкурсот на Книгоиздателството ,,Мисла’’ за романот ,,Времето на козите’’ (1993) два пати наградата на Друштвото на писателите на Македонија ,„Стале Попов“ за роман на годината, ,,Татковите книги’’(1992) и романот ,,Ервехе – книга за една мајка’’(2005) наградата „Григор Прличев“ за најдобра преведена книга,Наградата македонски конаци за роман на годината, Државна награда Климент Охридски, Рациновото признание за роман на годината, меѓународната француска награда „Маргарет Јурсенар“ за романескно творештво и други. Добитник а на Медал на Асоцијацијата на писатели кои пишуваат на француски јазик. Избран е за член на Здружението на француските писатели (на 9.05. 1998) На 19.јуни 2003 г. е прогласен за почесен граѓанин на својот роден град Поградец (Албанија). Добитник е и на највисокото француско признание за достигнување во уметноста и во книжевноста (Commandeur de l‘Ordre des Arts et des Lettres).
Во 2022 од страна на Академијата за Науки и Уметности во Албанија предложен е за нобелова награда.
Почесен член на Академијата на науките на Албанија е од 2006 г. на Медитеранската Академија во Неапол е член од 2011г. а од 2014 г. е член на Европската академија на науките во Салцбург, член е на Научното друштво ,,Лајбниц’’ од Берлин од 2016 г.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2003 г. Бил секретар на Одделението за уметност, а во периодот 2016-2019 беше потпретседател на МАНУ.
По повод смртта на акад. Луан Старова, Македонската академија на науките и уметностите, Друштвото на писателите на Македонија и Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ќе одржат заедничка Комеморативна седница во Свечената сала на МАНУ, на 2 март (среда) 2022 година, со почеток во 10 часот.