Промоција на Центарот за византолошки студии на „Евро-Балкан“ и симпозиумот „Византискиот религиски концепт и современието“

Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“ денес 21 октомври 2011 година (петок), го промовира Центарот за византолошки студии и на свеченото отварање на научниот симпозиум „Византискиот религиски концепт и современието: Идеологија, претстава, традиција“,  кое ќе се одржи со почеток во 11:00 часот, во просториите на ресторанот „Занзибар“, лоциран кај Градскиот парк, Скопје.

Формирањето на Центарот за византолошки студии претставува заокружување на неколкугодишните активности на Евро-Балкан, кои вклучуваат организирање на повеќе научни симпозиуми, културни манифестации и Летни школи посветени на феноменот на Византија и на византиското културно-историско наследство. Воспоставените контакти на Центарот со врвни византолози од Западна Европа и претстојното вмрежување со европските византолошки центри, отвара широки перспективи за истражување и академска мобилност во рамките на Европскиот научно-образовен систем.

Организирањето на научниот симпозиум претставува иницијален дел од широката програмска дејност на Центарот за византолошки студии при Евро-Балкан, фокусирана кон интердисциплинарно проучување на спецификите на византискиот свет, кој како круцијален транзициски линк помеѓу античкиот и модерниот свет, ги детерминирал цивилизациските процеси на Балканот, Европа, како и на христијанско-исламскиот ориент.

На симпозиумот ќе настапат 30-на истакнати македонски истражувачи, кои ќе ги презентираат своите најнови научни сознанија за византискиот религискиот концепт како клучен фактор кој ја маркирал културната и цивилизациската посебност, специфики и различности на Балканот и на Источниот Медитеран.

Поаѓајќи од заложбите за подобро разбирање на значењето на Византија за европската цивилизација, што го вклучува и придонесот на Република Македонија како интегрален дел од византиското и европското културно-историско наследство, Евро-Балкан годинава стартува и со новата последипломска студиска програма за Византолошки студии, којашто е прва од ваков вид во Република Македонија и меѓу ретките на Балканот.

Во рамките на свеченото отварање ќе бидат промовирани и најновите монографски изданија на тимот професори – соработници на Центарот за византолошки студии при Институтот Евро-Балкан: Јане Коџабашија и Маја Ангеловска – Панова.

You May Also Like