Канческа – Милевска оствари работна посета на Гостивар

Министерот за култура Елизабета Канческа – Милевска, заедно со државниот секретар во Министерството за култура, Музафер Бислими денеска (вторник,  27.12.2011 година) оствари работна посета на националните културни установи во Гостивар, Центарот за култура АСНОМ и Конзерваторскиот центар – Гостивар.

Канческа-Милевска истакна дека е задоволна од функционирањето на двете установи од областа на културата во Гостивар, кои со мноштво реализирани проекти успешно ја завршуваат годината.

Директорот на Центарот за култура АСНОМ, Башким Хасани информира дека институцијата во целост ја реализирала својата програма која содржеше проекти од фолклорната, ликовната, драмската, музејската и библиотечната дејност, дека со средства од Министерството за култура ги реновирале санитарните јазли, како и галерискиот простор во установата, а годината ја завршуваат без долгови.

Министерката за култура ги посети и спомениците на културата, Беговата куќа и Саат кулата во Гостивар, кои следната година ќе бидат приоритетни проекти во работењето на Конзерваторскиот центар Гостивар.

Канческа-Милевска го истакна своето задоволство од напредокот во функционирањето на оваа нова национална установа која годинава ја реализираше првата фаза од заштитата и санацијата на Беговата куќа, споменик на културата со автентична староградска архитектура.

Министерката за култура најави дека во 2012 година ќе продолжи реализацијата на втората фаза која предвидува обнова на фасадата на куќата, интервенција на конструкцијата на темелите и на меѓу катот, како и интервенција на ентериерот. Следната година, од буџетот на Министерството за култура ќе бидат издвоени средства и за непосредна заштита и конзервација на Саат кулата, која е значаен споменик на културата и препознатлив белег на Гостивар.

You May Also Like