Бројни културни манифестации во Куманово

За културни манифестации Општина Куманово оваа година одвои 6,8 милиони денари од својот буџет…

Концерти, ликовни колонии, фестивали, литературни и поетски читања, се дел од оперативната програма за одбележување на културни манифестации кои се опфатени во второто полугодие, за што Советот на општина Куманово ќе одвои 6,8 милиони денари од буџетот на општината.

– Програмата е мултиетничка и разновидна, наменета за сите граѓани од општината, вели раководителот на секторот за култура, Жика Крстевски.

Во јули ќе се одржи ликовната колонија „Карпино”, „Неделата на албанска култура”, како и манифестациите опфатени со верскиот празник „Бајрамски Ифтар” и „Бајрамски концерт”.

Во програмата, предвидено е да се одржи на 31 јули и „Бдеење на кокински мугри” .Општина Куманово ќе се вклучи и во одбележувањето на АСНОМ во Меморијалниот Центар Пелинце на 2-ри август. Во август се одржува и повеќедеценсиката колонија со учество на уметници од Европа и светот, ликовната колонија „Куманово-2014″.До крајот на летово,ќе се оддржи и традиционалниот „Тамбурашки фестивал”.

Учесниците на „Струшките вечери на поезијата” и годинава ќе ја посетат градската библиотека, така што кумановци ќе имаат можност да проследат дел и од оваа манифестација.Во текот на летото ќе се одржи и фестивалот „Рома Труба Фест“.

Во септември започнуваат манифестациите кои се поврзани со Денот на независноста на Македонија, кога младите ќе имаат можност да учествуваат и на „Театарска работилница“. И годинава ќе се одржи меѓународната изложба на уметничка фотографија “Фото Салон Куманово”. До крајот на второто полугодие опфатени се повеќе манифестации кои секоја година се одржуваат и се во прерсрет на националните празници, Денот на ослободување на градот, Нова година…

Севкупно, годишно општина Куманово одвојува 12 милиони денари за одбележување на манифестациите од областа на културата, кои ги спроведува Секторот за култура како и Фондацијата за култура.

You May Also Like