Започнува „УГД Cцена“ во Штип

Културната манифестација „УГД сцена“ по вторпат ќе се организира во Мултимедијалниот центар на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Почнувајќи од денес (четврток, 22 ноември) па се’ до 13 декември, Мултимедијалниот центар на УГД ќе понуди најразлични културни содржини – театарски, музички и ликовни.

Под слоганот „Пронајди го својот круг“ и годинава ќе има возбудливи културни и уметнички доживувања.

„УГД СЦЕНА е нашето место каде што еден месец ќе се живее во името на театарот, музиката, ликовната уметност. Накусо, УГД сцена е нашиот и вашиот круг. Место создадено од уметноста за уметноста“, велат од Универзитетот.

Манифестацијата денес започнува со отворање на ликовна изложба на авторот Ване Костуранов. Програмата со својот музички настап ќе ја збогати и групата „Стринг форсес“ составена од: Александра Мангаровска-Миличевиќ – вокал, Александра Кузман – виолина, Дориан Јовановиќ – стик вокал, Ади Имери – гитара, вокал и Лазар Дарковски – тапани.

Влезниците се продаваат во книжарницата на Економскиот факултет.  Блок влезница за целата манифестација: 250 денари или 80 денари за секој настан поединечно.

You May Also Like