Државниот архив на Македонија на 1 април го слави своето 70 годишно постоење. Свечената академија по повод годишнината од основањето, ќе се одржи на 1 април во НУ „Музеј на македонската борба.“
На настанот обраќање ќе има директорот на Државниот архив д-р Емил Крстески, додека со видео порака ќе има обраќање Дејвид Фрикер, претседател на Меѓународен архивски совет и директор на националниот архив на Австралија.
По повод овој јубилеј ќе биде промовирана монографијата „Печат на времето – 70 години Државен архив (1951-2021)“ во која ќе биде презентиран историскиот развој на Државниот архив, низ најзначајни фотографии и документи со кои располага Архивот, а ќе биде промовиран и зборникот „Првите луѓе на Државниот архив (1951-2021)“.
По завршувањето на официјалниот дел на настанот, гостите ќе може да ја погледнат изложбата „Скопската градска општина“ посветена на градоначалниците на град Скопје.
На настанот ќе бидат сите протоколи за работа и мерките за заштита.