Во Гевгелија се одбележува Спасовден

Одбележувањето на заштитникот на општина Гевгелија- Спасовден, започна во понеделниот (10 јуни), со изложбата “Импресии”  на познатиот гевгелиски сликар Борис Петров во фоајето на Народниот театар во Гевгелија.

На отворањето, на кое присуствуваа градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов и претседателот на Советот на општината Драги Хаџи Николов беше посочено дека во делата на Петров е присутен посебниот колорит, со доминација на дојранските пејсажи, насловена како Импресии. Веднаш потоа, вечерта продолжи со солистички концерт на гевгелискиот мешан хор “Гортинија”, кој неодамна се врати со второ освоено место од хорскиот натпревар во Линц,Австрија, и кој повторно ја воодушеви гевгелиската публика.

Чествувањата за Спасовден продолжија и вчера во гевгелискиот народен театар, каде љубителите на театарските претстави ја проследија претставата”Посета на младата дама” во режија на Александар Микиќ, со која гостуваше театарот „Пампур“ од скопската општина Ѓорче Петров.

За денес, 12 јуни во пресрет напразникот,ќе се отвори меѓународниот саем на храна и вино со гевгелиски и грчки производители. Во исто време на отворената сцена во центарот наградот,ќе започне традиционалната манифестација Распеана чаршија, на која ќе настапат Распеани Охриѓани, Распеани Кочанчани, Распеани Гевгеличани и Распеани пензионери од Гевгелија.

На сцената веднаш потоа ќе настапат фолклорните ансамбли “Неретва” од Јабланица, “Бојмија” и “Јосиф Јосифовски” од Гевгелија, како и гевгелискиот ансамбл “Ромиикс”.
Вечерта ќе заврши со отворањето на фестивалот на уличните забавувачи од целиот свет кои се дел од фестивалот Баскерфест 2013, а кој свечената промоција ќе ја има ексклузивно  токму во Гевгелија.

Инаку, одбележувањето на Спасовден завршува во петок, на 14 јуни во Народниот театар во Гевгелија кога ќе гостува Македонската филхармонија со диригентот Борјан Цанев и солистката Гонца Богоромова. На програмата ќе бидат изведени дела од Тома Манчев, Зографски, Росини, Хендел и Моцарт.

You May Also Like