Спектакуларното отворање на 8-от Меѓународен уличен фестивал „БАСКЕРФЕСТ“ на фасадата од зградата на Веро центар ќе биде на 14 јуни (петок), во 19 часот, а ќе го изведе трупата “Il Posto”. Италијанската трупа ќе настапи истата вечер, во 22 часот и на Портата Македонија, на градскиот Плоштад.
– И годинава покровител на овој значаел уличен фестивал е Град Скопје, кој што е поддржувач на Баскерфест веќе осум години по ред. Граѓаните на Скопје и годинава, 10 дена, ќе можат да уживаат во спектакуларните акробации на артистите од цел Свет. Искуството ни покажа дека концентрацијата на луѓе на улиците на нашиот град, за време на траењето на фестивалот е значително поголема, а поголем е и бројот на туристи, посетители на Скопје, што е причина плус Град Скопје и понатаму финансиски да го поддржува Баскерфест, истакна раководителот на Секторот за локален економски развој на Град Скопје, Слободан Ќосев.
Настапот на италијанската трупа е комбинација на акробатски вертикален танц со музика во живо и спектакуларна кореографија индивидуално креирана за секој настап. По свеченото отворање, пред Веро центарот ќе се претстават и преостанатите настапувачи со кратка изведба на своите точки.
– Организаторите на Баскерфест, годинава решија на граѓаните да им понудат релаксирачки одмор и луда забава со квалитетна и разновидна музика. Музичката програма оваа година е подготвена од голем број музички бендови, зачинета со ноти на рап, реге, рок и етно музика, а во рамките на фестивалот ќе бидат одржани околу 30 концерти. Годинава Баскерфест ќе се дисперзира и низ цела Македонија. Почнуваме утре на 12-ти, со настапи во Гевгелија, на 14-ти во петок се селиме во Скопје, каде што остануваме до 23-ти, а на 3 јули ќе завршиме во Дојран. На 8 Баскерфест ќе настапат околу 100 артисти од дваесеттина светскли земји. Еден од поспектакуларните настапи покрај настапот на италијанската трупа „Il Posto”, ќе биде и настапот на рок групата „Star boy“ од Нов Зеланд, група составена од 9 членови која во своите настапи комбинира акробатска кореографија и употреба на пиротехнички елементи. Се надевам дека нема да постои посетител на Фестивалот кој годинава ќе биде незадоволен, затоа дојдете на Баскерфест, рече Пане Темов од Здружението на граѓани „One way“.
Покровител на фестивалот е Град Скопје, а организатор е „One way“.