По повод одржувањето на традиционалниот 43-ти илинденски кајак слалом ИКАС , во Агенцијата за млади и спорт се одржа прес – конференција на која учество земаа директорот на АМС Диме Спасов, претседателот на Кајакарската федерација на Македонија Лазе Поповски, претседателот на организациониот одбор на ИКАС Михаил Малахов, генералниот секретар на МОК Сашо Поповски и дел од учесниците на ИКАС 2011, Атанас Николовски – македонски репрезентативец, Динко Мулиќ – хрватски репрезентативец и Петер Кавзер од Словенија, актуелен европски и светски првак во 2009 година.
Директорот Диме Спасов во своето обраќање истакна дека со подршката и покровителството на ова меѓународно натпреварување, државата ја потврдува својата заложба за промоција на Матка како едно од најдобрите и најубавите места на Балканот за овој спорт. Покрај тоа додаде дека на ова натпреварување учество ќе земат Македонија, Србија, Бих, Хрватска, Словенија, Грција, Русија, Финска и со звучните имиња на учесниците и масовноста од 60 натпреварувачи се потврдува големината на ова натпреварување.
Спасов ги покани сите љубители на кајак спортот, во сабота и недела на 2 и 3 април, со почеток во 11.30 часот да дојдат во што поголем број да уживаат во убавините на овој спорт.
За заинтересираните љубители обезбеден е автобуски превоз до Матка.