Од 26 – 29 jануари во Кан, Франција се одржа традиционално по 47-ми пат, најстариот, најголемиот и најзначајниот саем на музика во светот – МИДЕМ. Нашата држава и годинава се појави како излагач со сопствен штанд под уставното име Македонија, а организатор беше издавачката куќа Трето уво.
На него земаа учество околу 4.000 гости од 300 водечки музички компании од 40-тина држави од целиот свет. Неколку илјади гости го посетија македонскиот штанд и со себе понесоа примероци од луксузниот музички промотивен материјал специјално изработен за оваа прилика. За време на саемот нашиот претставник Иво Јанкоски оствари и многубројни средби со водечките музички куќи од целиот свет.
“Посебно би ја издвоил средбата со официјалните лица на најпопуларната музичка платформа YouTube на која отпочнавме значајни преговори за монетизација на македонските видео клипови постирани од страна на нашите музичари на овој најпосетуван канал на светот. Голем интерес за нашата музика годинава покажаа и далечните земји како Кина, Малезија, Тајван и др. “ изјави Јанкоски.
Специјално за оваа прилика беше подготвен луксузен промотивен материјал во печатена и електронска форма каде се претставени најзначајните компании, фестивали и институции од македонската музичка сцена, како и промотивен компакт диск со дваесетина моментално најпопуларни музички нумери од најразлични жанрови: поп, рок, етно, џез, рап…
Организаторот на престижната музичка манифестaција – МИДЕМ, на носителот на македонскиот штанд, издавачката куќа ТРЕТО УВО за повеќегодишната афирмација и промоција на македонската музика на овој саем, оваа година му додели специјално почесно признание “Сребрена статуетка на МИДЕМ”.
За времетраење на Саемот секојдневно и истовремено се одржуваа по неколку панел дискусии, конференции и дебати посветени на развивање на системите за заштита на интелектуалната сопственост, авторските права и новите стратегии во пласман и продукција на музиката на светско ниво на кои Македонија зема активно учество.
Своите искуства на ова поле ги презентираа француската музичка легенда Жан Мишел Жар, култната британска група Меднес и моментално најпопуларниот светски пијанист Ланг Ланг и др.
Официјалното отворање на МИДЕМ се совпадна и со доделувањето на француските музички награди “NRJ Awards” каде се појавија некои од најголемите светски музички ѕвезди како: Alicia Keys, кореанската поп-атракција Psy попознат по мега хитот “Gangnam Style”, потоа Emeli Sande, тинејџерската атракција One Direction, француската мега ѕвезда Johnny Holiday и многу други.