Со подводна еколошка акција членовите на спелеонуркачкиот клуб Врело го одбележаа Светскиот ден на водите 2013. На овој несекојдневен настан, како своевиден одговор на урбаните предизвици, беше собрано големо количество смет од Дојранското езеро.
Под слоганот „Вода насекаде, само ако ја делиме“, Светскиот ден на водите оваа година е во знак на воспоставување на добрососедски односи помеѓу државите кои ги соединува водена површина- реки, езера и мориња. Со тенденција водата да биде фактор за соедниување, а не за разединување и конфликт, домашните нуркачи во соработка со нуркачи од соседна Грција уште еднаш укажаа на проблемот.
– Со оваа еколошка акција сакаме да ги поттикнеме младите на активен и позитивен однос спрема животната средина и природата, а вoедно и сакаме да покажеме дека само заедно, сплотени, сите соседи може да влијаеме на овој глобален проблем. Нашето право на вода нужно бара и наше поголемо ангажирање и обврска со цел да го сочуваме овој ресурс за идните генерации – вели Киро Ангелески, претседател на Врело.
Денот на водата се одбележува секоја година со цел да се укаже на значението на водните ресурси и потребата за квалитетно менаџирање на истите тие ресурси.
– Квалитетот на подземните води ширум светот постојано опаѓа. Овој тренд со модерното живеење се распространува и кај нас, а причина за тоа се големиот број на загадувачи. Водата е најзначаен ресурс на целата планета и мора да се грижиме за неа, па апелираме на граѓаните рационално и внимателно да се однесуваат кон неа- додава Ангелески.
Целта на домашните нуркачи и нивните гости од Грција е преку вакви еколошки акции да отстранат еден заеднички проблем со загадувањето на водите, овојпат чистејќи го Дојранското езеро, а со тоа и да бидат Амбасадори и да допринесат во подобрување на меѓусоседските односи.
Еко акцијата ја поддржа и ја поздрави заменик Министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски како и Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов кој истакна: “Убаво е да се види на ова место како македонските и грчките нуркачи го чистат езерото, затоа што тоа е заедничко. Со овој симболичен гест се укажува дека секоја заедничка акција може да даде резултат и успех да ја сочуваме околината за идните поколенија”.
Спелеонуркачкиот клуб Врело веќе следниот месец продолжува со чистење на Преспанското езеро.