Битола ќе добие ново кино и нов храм во центарот на градот

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (среда, 20 март 2013 година) престојуваше во посета на Битола, каде со градоначалникот Владимир Талевски ги промовираа проектите за изградба на нов храм на заштитникот на градот, Свети Нектариј Битолски  и за нова кино–сала во чест на Браќата Манаки.

Министерката за култура пред новинарите истакна дека Министерството за култура дава целосна поддршка за реализација на проектот за изградба на нов храм на заштитникот Свети Нектариј Битолски кој ќе биде лоциран во непосредна близина на на Јени-џамијата и Саат-кулата во Битола.

Проектот произлегува од барањата на граѓаните и е во координација со Македонската православна црква. Изградбата на еден сакрален објект е од големо значење за граѓаните на Битола и целата држава. Проектот за заштитно конзерваторски основи е завршен од НУ Завод и Музеј и предаден на општината“, посочи Канческа -Милевска.

Во рамките на посетата на Битола Министерката за култура, беше запознаена и со проектот за изградба на нова кино-сала на местото на поранешното кино „Корзо“ на браќата Јанаки и Милтон Манаки.

Се радувам што Битола повторно ќе го добие автентичниот изглед на киното на браќата Манаки во кое ќе има и музејска поставка со што светската јавност и сите посетители што доаѓаат во Битола ќе може да се запознаат со творештвото на браќата Манаки и за се што тие направиле за Македонија и за светот“, истакна Канческа Милевска и потврди дека Кинотеката на Македонија подготвува ДВД-издание за творештвото на браќата Манаки кое наскоро ќе биде промовирано.

Изградбата на Храмот „Св.Нектариј Битолски“ посветен на светецот-заштитник на градот Битола и изградбата на некогашното кино на браќата Манаки ќе има големо влијание врз локалниот културен развој е еден од приоритетите на Министерството за култура, на Владата и на локалната самоуправа, беше истакнато на денешната средба со новинарите во овој град.

You May Also Like