Во просториите на македонската резиденција во Отава, се одржа свечениот прв состанок на новиот Извршниот комитет на Асоцијацијата на амбасадори и дипломати. Асоцијацијата е претставник на 120 амбасадори и неколку илјади странски дипломати во Канада. На последното собрание на Асоцијацијата, македонскиот амбасадор Љубен Тевдовски е избран за еден од шесте амбасадори во Бордот, и единствен претставник од Европа.
Вчера, (2-ри април 2013 година), во просториите на Резиденцијата на македонскиот Амбасадор се одржа првиот состанок на новоизбраниот Извршен комитет на Дипломатската асоцијација на Отава, по што следеше прием со претставници на медиумите и бизнис секторот, на кој присуствуваа истакнати канадски дипломати и политички претставници, како и претставници на македонската заедница во Канада.
Во новиот Извршниот Комитет, избран на Генералното Собрание на Асоцијацијата, кое се одржа минатиот месец во Амбасадата на Индонезија, учествуваат шест амбасадори, тројца дипломати, и двајца претставници на земјата домаќин, Канада. Македонскиот амбасадор Љубен Тевдовски, како претставник во Извршниот комитет од Европа, го презеде местото од полскиот амбасадор Зенон Косињак, кој беше и досегашен претседател на Дипломатската асоцијација.
На приемот во Македонската резиденција, Амбасадорот Тевдовски им се заблагодари на колегите и претставниците на Канада на довербата која ја даваат на Република Македонија, како со изборот нашата држава да е единствен претставник на Европа во Извршниот комитет на Асоцијацијата, така и со одлуката Извршниот комитет свечено да ја започне својата работа токму во резиденцијата на македонскиот амбасадор. Свое обраќање на свечениот чин имаа и амбасадорите на Јапонија, Австралија и Замбија.
Претставниците на Извршниот Комитет ги поздрави парламентарниот Секретар за Надворешни работи на Канада, Роберт Декарт, нагласувајќи го значението кое Канада го придава на меѓународните односи и активниот дипломатски живот во Отава. На билатералната средба на амбасадорот Тевдовски и парламентарниот секретар Декарт, беше изразено задоволството на Канада од односите со Македонија и значението на новоформираната група за пријателство во Парламентот. Во знак на лична поддршка на македонско-канадските односи, парламентарниот секретар за надворешни работи на Канада, Роберт Декарт, лично се зачлени во парламентарната група за пријателство со Македонија.