Министерот за култура Асаф Адеми од Берлин, во врска со реакциите на јавноста за резултатите од Годишните конкурси на Министерството за култура, пред медиумите ја даде следната изјава:
- Со должно внимание ги проследив сите забелешки и коментари кои се однесуваат на објавените резултати од Годишните конкурси на Министерството за култура. Големиот одзив кон објавените резултати покажува дека сме на линија со нашите заложби транспарентно и отчетно, без никакви предрасуди да донесеме Програма која ќе го поттикме развојот на културата во државата. Како човек и како министер за култура длабоко ги респектирам авторите, уметниците, институциите и сите оние кои делуваат во областа на културата и нема да дозволам овие резултати по Годишните конкурси да остават чувство на горчина и незадоволство кај луѓето од културата. Би сакал да ја информирам јавноста дека сите одлуки за одбиени апликации ќе бидат поништени и повторно разгледани и доколку се утврдат недоследности, листата на поддржани проекти ќе биде дополнета. Со цел поголема транспарентност на целиот процес ќе бидат поканети и претставниците на медиумите. Воедно ги поканувам сите засегнати апликанти кои имаат потреба, да се обратат во Министерството за култура за информации поврзани со нивните проекти. Наша цел е да ги стимулираме и соодветно да го вреднуваме придонесот на уметниците, институциите од културата, независниот културен сектор, и во таа смисла остануваме силно посветени на оваа наша определба, рече Адеми.