Жените во сликарството на Личеноски – Виртуелна тура на Националната галерија

Веќе традиционално, четврта година по ред, Националната галерија организира изложба која носи свој препознатлив белег, посветен на Денот на жената, Осми март. Изложбата е исклучиво во нејзина чест, во чест на секоја жена (девојка, мајка) и на она што секоја од нив значи за светот, за општеството и за семејството, во чест на нејзината единствена улога што ѝ е доверена низ времето за да го направи овој свет поубав.

Во претходните години пунликата имаше можност да види повеќе различни концепти на изложби по овој повод, кои во суштина имаа еден заеднички именител – жената како мотив, независно дали е автор или непосредна инспирација на уметничкото дело, портрет или можеби акт.  Единствениот извор од каде што во Националната галерија ја црпат инспирацијата и која претставува темел врз кој се гради оваа традиција сакајќи да се остави уште еден белег во годините, е токму неисцрпно богатата колекција, која претставува исклучителна ризница на вредни уметнички дела.

И оваа календарска година темата останува истата – жената, но овој пат низ творештвото на Лазар Личеноски. На тој начин се одбележува и уште еден значаен настан, своевиден јубилеј: 120 години од раѓањето на Лазар Личеноски (26.3.1901 – 10.4.1964).

Лазар Личеноски е основоположник на современата македонска ликовна уметност. Бил професор во Уметничкото училиште во Скопје, кое денес го носи неговото име. Неговото сликарство го одразува нашето поднебје, преку колоритот и најпознатите негови пејзажи на афиони, галички бачила, Охрид и многу други. Изложбата опфаќа избор од дела, портрети и актови, вклучувајќи студии работени во јаглен, цртежи уште од студентските денови, масла на платна, масла на лесонит, шпер, картон. Делата се со различни димензии, а јавноста ќе може да ги види низ виртуелната изложба поставена во Даут-пашиниот амам, но достапна единствено електронски преку сооцијалните медиуми, односно на профилите на Националната галерија. Делата вклучени во изложбата се сопственост на Националната галерија. Дел од нив се од оставината на легатот на Лазар Личеноски, а дел од постојната колекција. На оваа изложба се вклучени токму дела кои, потекнувајќи од легатот на Личеноски, во иднина ќе бидат дел од поставката на Спомен-куќата на Лазар Личеноски.

Спомен-куќата на Лазар Личеноски е уште еден значаен сегмент кој ја прави Националната галерија институција со голема одговорност и посебно значење за зачувување и афирмација на нашата историја, култура и уметност. Националната галерија е од самиот почеток вклучена во процесите за валоризација на куќата на Личеноски, со цел таа да биде издигната на соодветното ниво како културно добро од посебно значење за афирмација на нашата уметничка и културна сцена. Имено, во 2010 година тим од стручни лица на Националната галерија, и тимови и стручни лица од други области, го евидентираа културното добро, сликите, мозаиците, етнолошкиот материјал, документацијата и сл. Целокупниот движен културен материјал, како сликарскиот така и етнолошкиот, библиотечниот и архивскиот, денес се згрижени во депоата на Националната галерија.

Оваа виртуелна изложба претставува единствена можност публиката да види некои од уметничките дела на Лазар Личеноски кои се ретко прикажувани, некои од нив и за првпат во оваа пригода, кои одамна не биле присутни ниту публикувани во нашата јавност.

You May Also Like