Нова книга од Ристо Лазаров „Лилјаци“

Во издание на „Везилка 2011“, а без никаква поддршка на Министерството за култура, излезе од печат најновата книга на македонскиот поет Ристо Лазаров „Лилјаци“.

Оваа обемна книга, на 172 страници, е структуирана како и последните десетина книги на овој автор (7 циклуси по 7 песни, плус една воведна песна) и интензивно комуницира со стварноста. Во поговорот на книгата, писателот Васе Манчев подвлекува дека сета поетска уметност на Лазаров е длабоко и цврсто втемелена во објективната реалност.

Таа, следствено, и се раѓа, и функционира само во границите на познатата човекова стварност и она што во таа реалност е човековиот свет. Услов за значенско пеење кај таклвиот тип уметничко создавање е, освен контекстот во кој настанува и поетскиот текст да биде целосно во реалноста. Тоа, всушност, во пресудна мера го определува и овозможува високиот квалитет на поетска уметност на овој македонски поет.

Наспроти императивниот реализам на поетот Лазаров, продолжува Манчев, оваа негова книга посебно значајна и занимлива ја прави и впечатливо присутната фантастика, од елемнти до развиени облици, речиси во сите песни. Но, нужно е да се нагласи дека таа фантастика, во оваа негова книга посебно, не е интендирана, ниту однапред планирана, подготвена и вградена во чистото реалистичко ткиво, туку настанува и се пројавува како резултат на новооткриените и изменетите значења на зборовите, ситагмите и стиховите во самите песни, во дури најнеочекуваните споеви со нив.

Во „Лилјаци“, го завршува својот предговор Васе Манчев, точно се знае што се пее, за што се пее, какво е секое значење во уметничката комуникација и зошто поетското дело е богата уметничка повеќезначност. Со таква творечка постапка, со толку скапоцени плодови од неа (мора да се признае не само во оваа книга, туку и во претходните) поетот Ристо Лазаров постигнува творечки нивоа високи колку највисоките постигања на многу поети чии дела се во врвот на светската книжевност.

You May Also Like