Резултати од годишната програма за култура сеуште нема

Културните работници се нестрпливи да ги добијат резултатите од Министерството за култура од годишните конкурси за проекти од национален интерес за 2020 година.

Некои од нив имаат фестивали или настани што треба да се одржат во март или април, но не знаат дали воопшто ќе имаат поддршка. Од Министерството велат дека резултатите од годишните конкурси за проекти од национален интерес ќе бидат објавени деновиве.

– Со оглед на тоа што рокот од 45 дена согласно Законот за културата не е преклузивен рок, односно изречно не е забрането неговото продолжување, во конкретниот случај, може да се постапи согласно член 94 од Законот за општата управна постапка, кој дозволува рокот за одлучување да се продолжи за најмногу 30 дена. Оваа законска одредба остава можност рокот за одлучување по годишните конкурси и донесување конкретни управни акти и решенија да се продолжи – објаснуваат од Министерството за култура.

Резултатите за проекти минатата година беа објавени на 8 февруари, но поради бурните реакции на јавноста за нетранспарентни одлуки, на 12 март беа објавени конечните резултати. Кога биле објавувани резултатите во изминатите неколку години? Во 2018 година излегле на 10 февруари, во 2017 на 21 јануари, во 2016 резултатите од годишната програма биле јавно објавени на 16 јануари.

Конкурсот за поддршка на културата за 2020 година беше распишан на 30 септември, а отворен до 8 ноември.

извор: Факултети.мк

You May Also Like