Одржан седмиот спектакл „Види музика…“

Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар, вчеравечер, во Градскиот парк во Скопје, го реализираа седмиот по ред мултимедијален спектакл „Види музика– слушни слика – добиј книга“.

Како и секоја година, мултимедијалниот настан содржеше: концерт на оркестарот на Македонската филхармонија под диригентска палка на Мартин Пантелеев од Република Бугарија,беа подарени 20.000 примероци од литературното дело Vita Brevis (писмо на Флорија Емилија до Аврелиј Августин) од норвешкиот писател Јостен Гордер, којшто е автор на „Светот на Софија“, роман за историјата на филозофијата, печатен во 30 милиони примероци, но и на популарните дела од неговото перо како што се: „Божиќна мистерија“, „Ќерката на директорот на циркусот“, „Девојката со портокали“, „Замок во Пиринеите“ и многу други, а на две огромни платна со димензии 12 х 3 метри, се одвиваше ликовен меч на кој силите си ги одмерија етаблирани академски ликовни уметници .

Јoстен Гордер, роден во Осло, 1952, во семејство на интелектуалци.
Vita Brevis е напишана во исповедна и во епистоларна форма, со целосна и безмилосна искреност, уште еднаш истакнувајќи дека потрагата по вистината, каква и да е, каде и да е, претставува исклучителен трнлив пат. Композицијата на делото, со која вешто нè заведува авторот, е замислена така што самиот тој, еден ден, случајно пристигнува на еден пазар во Буенос Аирес, каде што во една антикварница наоѓа стар ракопис од четвртиот век, за кој претпоставува дека е автентично писмо од Флорија Емилија до Аврелиј Августин, бискупот на Хипон. Неговата креативна и заводлива вештина со која ја мами нашата потсвест, ја изведува низ форма на вклучување реални моменти во новелата, како што се ценкањето и сумата што ја платил за ракописот, благодарноста до луѓето наведени со имиња и презимиња кои помогнале при преводот од латинскиот јазик, како и во утврдувањето на оригналноста на ракописот…, и вие веќе сте таму, во тој свет, без трошка сомнеж дека сè се случило токму така како што е раскажано.

Годинава, со десетици литри боја, огромни четки, на огромните ликовни платна, еден спроти друг, се најдоа ликовните уметници Менсур Бојда и Владимир Симеонов.

На репертоарот на концертот на Македонската филхармонија,со наслов „Со танц низ светот“, вчеравечер беа поместени познати танци компонирани од Чајковски, Брамс, Дворжак, Бернштајн, Штраус, Бородин, Росини, Де Фаља и други, а беа отсвирени валцери, полки, полонеза, менуети, но и ориентални страствени танци како што е „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков.

You May Also Like