„Ај да си речиме уште една“ на сцената на НТ Охрид

Новата сезона на охридскиот Народен театар започнува во сабота (11- ти февруари 2012 година) со претставата „Ај да си речиме уште една“ со почеток од 20:00 часот, во режија на Андреј Цветановски, а во изведба на актерите од Народниот театар Охрид.

Оваа претстава наречена селска ѓурултија со ѕенѕање, тропање и скокање, на публиката ќе и понуди несекојдневна забава и уживање. Претставата изобилува со многу комични елементи, со многу стари народни песни познати на пошироката публика кои се изведуваат во живо. Претставата ќе можат да ја гледаат сите гледачи од различна возраст.

Оваа претстава, која е авторско дело на Цветановски, зборува за творештвото на еден народ кое секогаш претставува богатство што се чува и негува, показ и доказ за цивлизацијата што се развива во еден регион, белег за одликите и навиките на еден народ. Тоа се творби на народот, за народот, усно творештво што се пренесува со генерации. Но тоа творештво е подложно на промени и модификации како и секое усно творештво. Прашањето е каква е таа модификација? На каде се движи фантазијата? Која е вистинската приказна зад секоја една од македонските народни песни?

Улоги:
Ристо Букваро – Горан Стојаноски
Митра Бајачката – Јасмина Билаловиќ
Коле Аџамија – Никола Тодороски
Коце Берберот – Стрезо Стаматовски
Трена – Адријана Билаловиќ
Гоце Делчев – Ивица Цонев
Каранфила меанџиката – Билјана Билаловиќ и
Осман бег – Игор Георгиев.

Костимите се на Кристина Мукоска-Затуроска, светло Зоран Левески, тон Филип Ангеличин Жура.

Цена на билетите е 100 денари.

You May Also Like