Во петокот (29 август 2014) со неофицијална изложба на настанатите дела заврши Меѓународната ликовна колонија “Михајлово 2014“.
Колонијата, чии почетоци датираат од 1996 година, започна во саботата на 23 август со отворање на самостојна изложба на Емил Шулајковски од Скопје, во Галеријата при Домот на културата во Кавадарци, а се одвиваше на планината Кожуф, во прекрасниот амбиент на областа Михајлово.
На колонијата учествуваат ликовните уметници: Симон Шемов, Ставре Димитров Стадим, Новица Трајковски, Данчо Ордев, Цветанка Јованова, Ива Јосифова, Владимир Темков, Кирил Јосифов, Горан Боев, Тони Чатлески, Емил Шулајковски, Томислав Нешковски, Драган Хаџи Николов, Сотир Хаџи Николов, Живка Коцева Караџовска и Роберт Цветковски од Македонија, Марјан Станковиќ, Мита Ристиќ, Иван Иванов од Србија, Мариана Везарова, Пламен Бонев, Петар Белашки од Бугарија и Александра Бачу од Романија.
За време на деновите на траење на колонијата, организаторот приреди отворен ден за љубителите на ликовната уметност од Кавадарци, за да сами бидат сведоци на креативноста и раѓањето нови ликовни дела. Самата колонија донесе над 70 нови ликовни дела инспирирани од природните убавини на планината Кожуф, а официјално се очекува Изложбата со сите дела реализирани на ликовната колонија “Михајлово 2014“ да се одржи во рамките на манифестацијата “Кавадаречка културна есен 2014“, кон крајот на месец октомври.
Колонијата “Михајлово 2014“ е во организација на Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци и Локалната самоуправа на општина Кавадарци, помогната од Министерството за култура на РМ.