Самостојна изложба на Африм Спахију

Самостојна изложба на уметникот Африм Спахиу во четврток (18 април) во објектот Чифте амам, на Националната галерија на Македонија, со почеток во 19 часот..

Африм Спахиу е професор, фотограф и продуцент на уметноста.
Роден е во Дебар на 3 мај 1951 година. Дипломирал на Академијата за театар, филм и телевизија на Универзитетот во Загреб, во класата на професорот Никола Танхофер.

Работел во Радио-телевизија Приштина и како директор на фотографија во Косовафилм. Тој е директор на фотографија на повеќе од 15 филмови од 1977 година до денес. Добитник е на неколку награди. Живее и работи во Приштина.

Спахиу е исклучително значаен автор за историјата на македонската уметност, тој е основоположник во сферата на современиот балкански филм – директор на фотографија и истакнат фотограф во регионот со редица самостојни изложби во значајни галериски простори во регионот и пошироко.

Oва е негова прва голема презентација во Македонија, каде ќе бидат изложени дела од изминатите речиси педесетина години од неговото творештво.

Опусот на Спахиу опфаќа широк дијапазон на тематски преокупации, диверзни технички пристапи и идејни цели на реализација на осетливата светлина на хартијата. Тој го фотографира сето она што го опкружува притоа обидувајќи се колку што е можно да ја остави класичната функција или предметната уметност за себе, целејќи да реализира што поапстрактни состави кои нема да ја прекинат врската со реалноста, туку напротив ќе ја истакнат уште повеќе, но од една друга димензија и перспектива која во одрдени дела може да се третира како метафизичка.

Куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски

Изложбата ќе биде поставена заклучно со 4 мај 2019 година.

You May Also Like