Улогата на одделенскиот наставник при описменувањето на децата кај раната училишна возраст

Oбразовниот систем во последниве години се наоѓа пред големи предизвици. Се чуствува забрзаниот раст и развој на научните, техничките и технолошките достигнувања. Сè поизразни се намерите за постигнување висок квалитет во образованието. Промените кои се случуваат во воспитно-образовниот процес подразбираат низа процеси и резултати за трансформација на неговиот систем во целина.

Во оваа насока, во Концепцијата за деветгодишно основно образование за XXI век е наведено дека училиштето треба да создава услови не само за образование туку и за воспитание на децата. Воспитанието на учениците се одвива со содржините, но и со примерите на однесување што се присутни во секој момент од училишниот живот. Без квалитетно образование нема ни квалитетни генерации, а ни квалитетна иднина. За подобар квалитет на образованието е потребна и негова контрола. Промените кои се случуваат во нашиот образовен систем се во развој на квалитетот и прогрес во воспитанието и образованието. Ние, секако, мора да се носиме со новата генерација и како родители, и како нивни воспитувачи, и како наставници.  Ни треба суштински да го разбереме јазикот и начинот на размислување за да можеме да се носиме со предизвиците на оваа генерација.

Училиштата треба да сфатат дека е позитивно за сите чинители ако потребите на учениците се задоволени. Наставниците се важен фактор кои комуницираат и разменуваат ставови, идеи и уверувања, но и дека имаат улога на водачи, медијатори, лица за поддршка. Училиштата во XXI век се залагаат за индивидуализиран пристап. Денес речиси во секое училиште се нуди можност секое дете да има пред себе компјутер и да ги користи неограничените можности на интернетот. Напредокот во информатичката техноогија драстично ја менува улогата на подучувачите и учениците. Од учениците се очекува да бидат активни учесници на информации кои ќе го контролираат процесот на своето учење во една училишна атмосфера. Наставникот треба да е одличен мотиватор во изучувањето на наставните содржини. Наставникот има клучен фактор да успее ја се развие можноста за изучување на јазичните вештини.

Активностите на наставникот во наставата по јазичните вештини треба да бидат насочени кон создавање и развивање на способностите на учениците за комуникативна примена на јазичните знаења. Тргнувајќи од клучните тези од извадокот на Мисирков кои се: Јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство. Се предава од едно на друго поколение. Чувајќи го јазикот, народот останува верен на духот на своите прадедовци. Оној што се откажува од својот народен јазик се откажува и од народниот дух. Милоста, љубовта кон народниот јазик е наш долг и наше право. Затоа ќе кажеме дека правото да го браниме нашиот јазик ни е нешто највредно и најсвето. Затоа мајчиниот јазик, иако сите знаеме да го зборуваме, е вклучен во образовниот систем на сите нивоа – во основното, во средното и во високото образование. Изучувањето на македонскиот јазик како мајчин јазик зазема централно место во образовниот систем. Мајчиниот јазик е фактор на идентитет. Наставниците во основното образование, особено одделенските наставници, ја имаат најодговорна улога во поставување на основата на македонскиот јазик. Тие ја пренесуваат љубовта кон сопствениот македонски јазик, умеаат да пренесат како треба да се негува мајчиниот јазик. Одделенските наставници ја развиваат љубовта кон пишаниот збор и ги пренесуваат знаењата за јазичните норми, и нагласуваат дека македонскиот јазик со својата структура достигнува високо ниво кои ние самите треба да го заштитиме. Умеат да ги пренесат убавините на македонскиот збор. Учењето на македонскиот јазик е предизвикувачка задача. Како наставници ние мора да најдеме различни пристапи и да се обидеме да користиме различни материјали во наставниот процес. Овие нови видови знаења ќе им овозможат на учениците да се здобијат со соодветно ниво на јазик кој им е потребен за предизвиците, барањата и потребите на XXI век.

Наставниците создаваат пријатна работна атмосферата на самите часови, како и индивидуални стратегии за учениците да ги мотивираат за полесно изучување на мајчиниот јазик кој се изучува. Наставниците користат текстови кои се технички уредно подготвени, теми кои се во согласност со возраста на учениците и отсликуваат ситуации на слушање надвор од самата училница според нивните интереси и идеи. Сето ова овозможува да ги поттикне да слушаат со полно внимание и концентрација за да можат да ја извлечат главната содржина или информација од текстот. За наставниците е потебно да користат интересни текстови кои ќе бидат соодветни за возраста на учениците, и така ќе се овозможи учениците да ја применуваат вештината на читање. Наставникот е мотиватор кој ги поттикнува самите да си избираат материјали за учење за да читаат почесто, не само поради задоволство туку и заради севкупните јазични придобивки. За да се зајакне јазичната вештина, особено во предучилишното образование, потребно е да се користат информации кои учениците ќе ги применуваат при користењето на јазикот, со што тие ќе стапат во интеракција со другите соученици и ќе можат да се изразат со вистински јазик и да го изразат своето сопствено мислење. Мајчиниот јазик е првиот јазик што го усвојува детето во своето семејство. Изучувањето на мајчиниот јазик во образованието ни овозможува да ја стекнеме и да ја негуваме „милоста кон јазикот“. Ни овозможува да се идентификуваме како припадници на еден народ, на една нација. Од прво до трето одделение учениците се описменуваат, се воведуваат кон правилно користење на македонскиот литературен јазик во меѓусебната комуникација. Учениците ги усвојуваат основните начела за меѓусебно разговарање и разбирање. Се запознаваат со дијалектите на мајчиниот јазик. Се оспособуваат да развијат јазична култура. Во прво одделение наставните содржините се поделени во три подрачја: слушање и говорење, литература и изразување, и творење. Едно од четирите програмски подрачја во прво одделение е слушање и говорење. Тука учениците се поттикнуваат во правилното користење на говорот и притоа да ги изразат своите чувства и доживувања. Наставникот има клучна цел во оспособувањето на учениците за воспоставување културен однос со опкружувањето во комуникацијата. Во делот на јазична култура потебно е да се усвои правилна дикција при зборувањето. Во подрачјето изразување и творење учениците ги увежбуваат говорните вештини: прераскажување, творење, опишување. Во програмско подрачје изразување и творење учениците развиваат вештини за усно и писмено говорно изразуавње, опишување на предмети, раскажување по дадени тематски зборови, прераскажување на уметнички дела, раскажување по одредена хронологија и ретроспективно раскажување. Учениците се стекнуваат со одреден степен на култура во јазичното изразување. Целта на наставникот е да постигне учениците да стекнат култура на јазичното изразување што ќе им служи во целиот образовен процес и во опшетствениот живот.

Во второ и трето одделение, покрај подрачјата почетно читање и пишување на кирилица и на латиница, како и изразување и творење, се вклучуваат и елементарни граматички содржини во програмското подрачје јазик – основните правописни правила. Во четврто и петто одделение учениците се оспособуваат за усно и писмено изразување. Тука се овозможува зголемување на зборовниот фонд и се применуваат различни функционални стилови во говорното и писменото изразување. Се усвојуваат содржини и правила од граматиката, на правописот и на правоговорот од македонскиот стандарден јазик. Во овој период учениците се стекнуваат со знаења на стандардниот нормиран јазик наспроти народниот јазик. Во делот на лексикологијата ги усвојуваат знаењата за синоними и антоними. Од областа на изразување и творење се усовршуваат содржините и за усно и за писмено изразување. Во петто одделение, во подрачјето јазик, се продлабочуваат знаењата за граматичките поими, се продолжува со усвојување на знаењата од областа на лексикологијата – деминутиви, аугментативи и хомоними, како и знаења од правописот. Се вежба директниот и индиректниот говор. Во подрачјето изразување и творење се обработуваат текстови со уметничка и научно-популарна содржина, се прераскажуваат настани од сопствено доживување. Се раскажува по дадени тематски зборови. Се опишуваат предмети, ликови, слики итн.

Наставникот е потребно да им наметне став на учениците дека човекот учи додека е жив, како и дека учењето е најзначајна активност со која се занимава човекот целиот свој живот. Ние, наставниците, особено во раната училишна возраст, имаме значајна улога во процесот на учење. Затоа, секој современ наставник би требало да го поттикне процесот учење кај ученикот. Справувањето со брзиот ритам на транзиција од класичната училница кон една модерна мултимедијална средина бара од наставникот дополнување на педагошките способности со еден нов пристап – технолошка писменост и подготвеност. Затоа од наставниците се бара да ги истражат севкупните можности на овие платформи и да ги утилизираат правилно во наставата. Многу наставници се насочени не само кон давање инструкции на час туку и кон подготовка на учениците да имаат сопствена одговорност за натамошното учење надвор од училницата. Земајќи ја одговорноста во свои раце, тие ќе бидат во состојба да капитализираат во различни средини на учење во и надвор од училницата, правејќи ги ефикасни и продуктивни за учење за цел живот. Стремејќи се кон создавање можност учениците да продолжат со учење и надвор од училишната средина, потребно е да се искористува ползата од компјутерската технологија. Само со добар квалитет на образовниот процес може да се создадат кадри и генерации кои ќе одговорат на светските потреби. Во современите училишта треба да има позитивна средина за остварување на хуманите потреби на ученикот, а наставниците – водачи, медијатори, лица за поддршка. Како рамноправни партнери, наставниците и учениците треба да истражуваат, заемно да се мотивираат, да го развиваат критичкото мислење, да се едуцираат, комуницираат, при што наставникот треба да биде модел на човек со високи и вистински вредности, а ученикот активен субјект во училишниот процес.

д-р Снежана Петреска

You May Also Like