Во тек е изложбата (0-ꝏ) „Од нула до бесконечност“ на Колективот Зеро во One Gallery во Софија, Бугарија. Изложбата беше отворена на 9 декември 2020 година и ќе биде отворена до 10 јануари 2021 година..
Изложбата е во организација на Центарот за креативни индустрии НЕБО од с. Суводол, Демир Хисар и One Gallery од Софија и е подржана од Министерството за култура на Р.С, Македонија.
Линк – One Gallery
Линк од прилог за изложбата на Националната телевизија БНТ
Како што Нулата нема ниту почеток ниту крај, така и прикажаните дела на оваа изложба немаат своја хронолошка позадина, ниту пак некоја концепциска форма, што јасно укажува и на суштината на Колективот ЗЕРО. Но, затоа пак кај нив, таа спонтаност носи некој метафизички ред во хаосот. На изложбата прикажани се дела од раниот период на групата, индивидуални дела на уметниците, но и заеднички дела – фотографии врз кои се извршени интервенци во сликарска или дигитална форма. Изложбата е уметнички континуум на претходните изложби на Колективот ЗЕРО, во кој индивидуалните погледи на уметниците, формираат една колективна целина, во која се забележува меѓусебната игра на уметноста, естетиката и политиката, соопшти Центарот за креативни индустрии – НЕБО од Суводол, Демир Хисар.
За изложбата на Колективот Зеро во One Gallery, реномираниот бугарски теоретичар на уметноста и уметник Свилен Стефанов ќе напише:
Постоењето на група „Зеро“ веројатно е најсериозниот доказ за појавата на слободата во современата уметност во Македонија. Нивниот почеток треба да се бара некаде околу 1985 година, во време, кога насетувањето за целосната промена која доаѓа е се повеќе во надмоќ. Се разбира, уште во претходната деценија може да се одбележат експерименталните дела од авторите како што се Симон Шемов, Никола Фидановски и дуото Милош Коџоман и Драгољуб Бежан. Но изложбата на група „Зеро“ „Експресија, ѓест и акција“ од 1985 година бележи кулминација на еден целосен процес од промени во културата, кои не се однесуваат само до тогашната Република Македонија. Така работата на групата се поврзува со уметниците Беди Ибрахим, Миодраг Десовски, Перица Георгиев – Пепси, Татјана Миљовска, Ацо Станкоски, Игор Тошевски и Златко Трајковски. Нивното зборно место е „Галерија 7“, која се наоѓа во Старата скопска чаршија. Тоа се имињата и од каталогот на изложбата на групата во Келн, во 1990 година, која претставува прво презентирање на алтернативната македонска уметност надвор од државата.
„Зеро“ е едно ново поколение, кое намерно не поставува граници во однос на користењето изразни средства. Тоа не е случајно, доколку токму во 80-те години можеме да говориме за истовременото случување на сликарските нео-експресионистички практики и концептуални стратегии, поврзани со инсталацијата, фотографијата и хепенингот. Можеби најкарактеристична црта на „Зеро“ се состои во отсуството на „стил“, целосно во духот на едно постмодерно еклектичко разбирање на уметноста како начин на слободно изразување на човековата личност. Затоа делувањата на групата може да бидат, како колективни, така и индивидуални – од мурали до перформанси. Не е случајно и нивното појавување на Венецијанското биенале во 2011 година, нешто кое што говори дека „Зеро“ (и на локален, и на меѓународен план) веќе треба да се разгледува како класика.
Кога во 2019 год. зедов учество во изложбата со бугарски и македонски уметници, во Скопје (во „Мала Станица“ – Национална галерија на Македонија), за мене беше многу интересно да откријам дека групата „Зеро“ работи и со автори од различни генерации. Тоа говори за изминат пат во историјата на уметноста, но и за односот кон континуитетот во современата уметност. И особено сакам да забележам, дека развојот на алтернативните сцени во Македонија и Бугарија содржат многу општи црти, кои до овој момент не биле објект на научно проучување. Во таа смисла оваа изложба на група „Зеро“ во софиската One Gallery е веројатниот чекор во насока кон заемно распознавање на сличните иновативни процеси.
Денес Колективот Зеро го сочинуваат: Миодраг Десовски, Перица Георгиев, Зоран Јаневски, Александар Станкоски, Беди Ибрахим, Златко Трајковски (1960-2017), Стеван Шашков, Синиша Цветковски, Сашо Јовчевски и Горанчо Ѓорѓиевски.