Играниот филм „Еј!“ кој пред десет години е снимен без денар од тогашниот Филмски фонд, ентузијастички и речиси илегално од 17 актери предводени од режисерот Васил Христов, здружени во неформалниот „Еј Колектив“, од 22 ноември ќе се прикажува на редовниот репертоар на кината „Милениум“ и „Синеплекс“.
Пред неколку месеци Агенцијата за филм ја помогнала постпродукцијата (видеоефекти, анимација, тонска обработка) за проектот да биде конечен и играниот филм да биде прикажан. Не е ништо доснимено и сè што публиката ќе види е снимено во шесте недели од 24 декември 2008 до 3 февруари 2009 година.
Целовечерниот филм е одговор на симнувањето на претставата „Мара Сад“ на Христов од репертоарот на МНТ и екипата во филмот е од претставата – педесетина соработници од „Еј! Колектив“.
-Беше политички некоректна т.е. неисправна за МНТ во тој период. Но наместо да западнеме во апатија, седнавме со Оливер Митковски и Николина Кујача да напишеме сценарио за филм во летото 2008. Има 45-50 професионални актери кои се појавуваат во филмот, но овие 17 се цело време во кадар и тие го направија она што ќе го видите вечер. Без скршен денар успеавме да го снимиме, а потоа се судривме со проблеми и во постпродукција филмот заглави десет години. Грубо е да кажам дека беше блокиран, но така е. Пред да знаат за што е филмот, беше во ред, но кога се дозна, почнаа да нè одбиваат. Едноставно, беше политички неподобен иако никогаш отворено не било објавено дека е забранет. Сè уште антиквизацијата во тој период не беше дојдена до лудило, па бевме и храбри и зелени да си играме со таа идеја, рече Христов.
Дел од актерите се присетуваа како по завршени проби од други проекти заморени доаѓале на снимањето во тие шест недели во, според некои од нив, најстудената зима, сами носеле греалки и се грижеле за храна и за шминка зашто проектот немал продукција.
Николина Кујача, која со Оливер Митковски е косценарист, рече дека ова е најентузијастички потег на една група.
– Многу е тешко да се заврши филм без скршен денар, само врз база на енергија и идеја, рече Кујача.
Актерот Игор Ангелов истакна дека филмот е документ за едно време и дека од денешна дистанца му е драго и горд е што бил дел од него.
– Секој филм е документ за едно време. Жал ми е што е филмот излегува сега, но ќе реферира на тоа време. Што и да сме направиле, страшно е многу искрен и едвај чекам да видам како изгледа денес, рече Ангелов.
Според Оливер Митковски, жанровски овој филм е прва политичка сатира во македонската кинематографија која, рече, е оптоварена со социјални историски теми. На прашањето дали политичката елита и нашето општество се созреани да се соочат со политичка сатира, Митковски одговори дека очкува овој филм да придонесе за тоа.
Актерот Гораст Цветковски рече не верува, а актерката Кујача додаде дека треба да сме морално и социјално понапредни за да може да „проголтаме“ вакви теми.
Ликот на исчезнатиот премиер, кој се појавува на една ноќна забава наместо духот на Александар Велики кого, всушност, го повикуваат, го игра Кирил Коруновски. Покрај овие актери, во филмот учествуваат и: Јордан Симонов, Александар Микиќ, Јелена Јованова, Драгана Костадиновска, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска, Соња Стамболџиоска, Славиша Кајевски, Јелена Мијатовиќ, Марија Новак… Директор на фотографија е Душан Кардалевски.
Филмот „Еј!“ од 22 ноември ќе се прикажува на редовниот репертоар на кината „Милениум“ и „Синеплекс“.