Георги Господинов: Тагата ја обзела цела Европа

Долго време балканските литератури не се гледаа меѓу себе. Личеа на партнери кои се развеле, или на луѓе кои претхoдната вечер се испијаниле, а следниот ден не сакаат да се погледнат. Нема едноставни врски меѓу соседите. Сега нештата се променети…

Тој е еден од најпреведуваните бугарски автори, неговиот „Природен роман“ е објавен на 23 јазика, а во Македонија го објави Темплум, додека пак „Физика на тагата“ , на македонски објавен од Или-Или, се’ уште влегува во најтесните избори за највисоките меѓународни признанија. Започнал како поет и се’ уште се чувствува така или пак како контрабандист во прозата, автор е на бројни пиеси, едно либрето за опера, радио-драми, комедии и слично. „Кога не пишувам, препрочитувам стари автори и поезија која е балсам за јазикот“ – вели во интервјуто за cooltura.mk Георги Господинов.

За Вашиот „Природен роман“ светската критика рече дека е и приземен и ерудитивен, и смешен и интелектуален, набрзо такви епитети доби и „Физика на тагата“. Дали додека ги пишувате овие дела го чувствувате тој баланс, намерно ли го избравте тоа „нешто помеѓу“?

  • Кога пишувам тоа е повеќе интиуитивно, читателите ми велат дека на некои страници се смеат, на некои плачат, јас мислм дека балансот е токму во тоа. Кога излезе „Физика“, Њујоркер објави голема рецензија „Бугарската тага на Господинов“. За мене тагата е емпатија. Тоа не е нешто тажно, напротив тажен е оној кој може да мисли и чувствува. Тоа е суштинска емоција. Тагата е чиста емоција. Има тука и иронија и самоиронија, која фала му на Бога ние на Балканот ја имаме во изобиле. Таа не е случајна. Еднаш ме прашаа од каде тоа? – велам кога доаѓаш од најтажното место на светот (според Економист Бугарија е најтажното место на светот), не ти останува многу нешто, совен иронија (ха, ха ,ха).

Има ли разлика меѓу балканската и западната тага? Егзотична ли е нашата тага за Западот?

  • Јас не го сакам балканскиот егзотизам, напротив мене ме интересира – дали има географија на тагата? Тоа е прашање кое го мачи и мојот главен херој. За мене тагата е густа како балканската кал. Мене ме интерсеира дали таа е иста и во Бугарија и во Турција и во Македонија. Мојот впечаток е дека тагата ја има обземено цела Европа и ова е еден многу важен момент. Постојат различни начини за справување со тагата. Во бугарскиот јазик зборот тага се изговара како да се подголтнува нешто. Бугарската тага е и премолчана тага, многу премолчани нешта има во неа. Јас мислам дека единствениот начин да се ослободиме од неа е токму раскажувањето (и)стории. Токму тоа се обидувам и да го правам. Таа не е само кај нас. Тука можеби е поконзистентна, кај нас е потемна, погуста, можеби на југ е посветла, но сепак тагата е едно од основните човечки својства.

Каква е новата балканска книжевност?

  • Долго време балканските литератури не се гледаа меѓу себе. Личеа на партнери кои се развеле, или на луѓе кои претхдната вечер се испијаниле, а следниот ден не сакаат да се погледнат. Нема едноставни врски меѓу соседите. Сега нештата се променети, од 90-те наваму, многу се преведува, многу се работи на тоа. Кај нас се преведени многу македонски автори и не само македонски, од цел Балкан и обратно. Нормално е што се ослободиивме од тој егзотизам, од предрасудите што Западот ги имаше за нас. Тоа дека сме периферија може да биде само предност за нас. Балканот изобилува со историја и наше е само да ја раскажуваме таа историја на европски начин. И Бугарија и Македонија имаат поети и писатели кои се европски и светски: Никола Маџиров, Гоце Смилевски, Лидија Димковска, Александар Прокопиев, Богомил Ѓузел . Тие ги раскажуваат приказните на многу европски и професионален начин. Друга работа е дека има многу издавачи, професионално се објавуваат и продаваат книги, на поетските читања има многу публика и тоа е добро.

Ве плаши ли стравот што Еко го формулираше со прашањето – Дали интернетот ќе ја убие книгата?

  • Јас сум можеби последниот оптимист, книгата не само што ќе опстои, туку и ќе се врати интересот кај неа. Тоа е многу интересен психолошки момент. Живееме во многу стресно време и имаме потреба да се фатиме за нешто трајно, а хартијата се покажа како многу потрајна од секој уред и тоа е посебно чувство. Исто така многу е важно на децата да им се всади сеќавањето дека некогаш држеле книга в рака.

Каков треба да биде писателот/поетот денес? Треба ли да биде и изведувач, активист, забавувач?

  • Кај мене има една посебна шизофренија, јас започнав со поезија, и се сметам себе си за поет контрабандист во прозата. Се занимавам и со пиеси, радио-драми, комедии па и либрето за опера. Јас не верувам во ограничување на жанровите, но не верувам и во тоа дека поетите и писателите се некој посебен вид луѓе. Тие се само малку поосамени и почувствителни. Личен избор е дали ќе излезат на улица и ќе имаат општествен став. Јас излегувам на улица и тоа за мене е стресно. На тоа ме учи и литературата која јас ја сакам – дека не треба да вртам грб на нештата околу мене, а од друга страна кога сте татко светот се менува.

Што читате кога не пишувате?

  • Сакам да препрочитувам стари автори , тоа е како да сркате слатко од тегла. Тоа се автори кои секогаш ми имаат сладок вкуs – Бродски, Борхес, некои стари буgарски автори. Секој ден читам поезија, бидејќи таа е балсам за јазикот. Тоа е многу важно и за моето љубопитство, мислам дека авторите мораат да го одржуваат љубопитството за за светот, тоа е многу важно, бидејќи денеска луѓето забраваат да бидат љубопитни, а околу нас има волшебни нешта.

Александра Јуруковска

You May Also Like