Привлекување публика и соработка во програмите, се предизвиците на филмските фестивали

Во пресрет на новиот повик за поддршка на филмски фестивали од МЕДИА – потпрограма на „Креативна Европа“ на ЕУ (кој е во два рока – до 20 декември и до 7 мај), МЕДИА Деск МК, во рамки на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, организираше форум за претставници на 12 домашни филмски фестивали кои првпат на иста маса дискутираа за проблемите што ги имаат и за евентуални решенија.

Организаторот покани и директори на три филмски фестивали од Шпанија, Данска и Германија кои неколку години имаат поддршка од МЕДИА. На дводневниот форум насловен „Крупен план на филмските фестивали во Македонија“ тие ги пренесуваат своите искуства за да им помогнат на нашите фестивали полесно да дојдат до европската финансиска поддршка. Таа е условена од неколку критериуми и во зависност од бодовите за нивната исполнетост, фестивалите може да бидат поддржани со износи меѓу 19.000 и 75.000 евра.

Раководителката на канцеларијата на МЕДИА во Македонија (МЕДИА Деск МК) Бистра Георгиева изјави дека меѓу темите на кои дискутираат се како да дојдат до побројна публика, до повеќе средства и како да ги користат новите дигитални технологии за промоција на нивниот фестивал.

– На повикот на МЕДИА фестивалите аплицираат за финансиска поддршка – за одржување на нивниот фестивал, но не само за време на фестивалските денови, туку повикот е така конструиран да ги поттикнува фестивалите да размислуваат во текот на целата година и постојано да ја развиваат публиката. Многу важен сегмент е меѓуфестивалската соработка на национално ниво, како тие можат меѓу себе да си помогнат, но и да соработуваат со фестивали надвор од Македонија, рече Георгиева.

Само два фестивала за филм во Македонија досега добиле поддршка од потпрограмата МЕДИА, во која Македонија е вклучена три години. Тоа се Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ – во првата година (2016) и Фестивалот на документарен филм „МакеДокс“ кој досега во сите три години аплицирал и добивал од МЕДИА по 27.000 евра. Токму тоа е и целта на форумот – и другите фестивали да научат да доаѓаат до европски пари и да си помагаат во програмите.

Дарко Набаков од „МакеДокс“ изјави дека аплицирале уште на првиот конкурс во 2016 година.

– Оттогаш три години по ред ја добиваме поддршката. Тоа веројатно е затоа што „МакеДокс“ ги задоволува критериумите, ги има сите активности пропишани од МЕДИА што би требало да ги има еден фестивал. Исполнуваме и број на европски филмови, секоја година аплицираме со 68 филма. Активни сме преку целата година, не само во осумте дена на фестивалот, зашто организираме едукативни програми во училиштата, работилници и програма надвор од фестивалот – Патувачкото кино, изјави Набаков.

Тројцата директори на европски фестивали ја истакнаа важноста од меѓуфестивалската соработка и развивање и негување публика. Софи Бјерго од Интеранационалниот филмски фестивал во Копенхаген изјави дека е важно да се има стратегија за програма со која фестивалот ќе стигне до што поширок опсег на публика.

-Многу е важно и да соработувате со други фестивали за да може да ја развивате и вашата програма. Од МЕДИА сакаат да ја видат вашата стратегија кон придобивање нова публика. Можеби е подобро програмата да биде повеќе насочена кон млади. На нашиот фестивал имаме три дела – програма прилагодена за возрасна публика, кон училишта и кон семејства, рече Бјерго.

Флоријан Волмерс, директор на Фестивалот на нордиски филм Лубек од Германија, истакна дека многу е важно да се создаде атмосфера на фестивалите во која луѓето ќе се чувствуваат пријатно, како да се дома со семејството, и каде што ќе имаат можност да ги запознаат и да разговараат со филмаџиите.

-На тој начин ќе им понудите нешто ново во споредба со секојдневната кинопрограма и редовниот репертоар. За МЕДИА е многу е важно секоја година да привлекувате што повеќе публика, рече Волмерс, кој смета дека Интернетот не е закана за фестивалите затоа што верува дека фестивалите можат да дадат алтернативна понуда.

–Статистиките покажуваат дека луѓето гледаат сè повеќе филмови онлајн, но исто така има и пораст на посетата на фестивали, додаде Волмерс.

Роберто Баруеко, програмски директор на Интернационалниот фестивал на краток и анимиран филм Мекал од Барселона, рече дека покрај работа на програмата, има два начина за привлекување публика – пократок и подолгорочен.

– Првиот е да се оди во училиштата со цел да ја едуцирате публиката, а вториот е налето да работите со кинопроекции на отворено кои би биле бесплатни и луѓето би доаѓале, рече Баруеко.

You May Also Like