На денешен ден е роден македонскиот уметник Вангел Наумовски (22.03.1924, Охрид – 13.06.2006, Охрид).
Овој охридскиот сликар, кого Салвадор Дали го нарече „сликар од бајките“, се поврзани повеќе епитети – тој кај нас и во светот е секогаш претставуван како уникатен пример на сликар на чудесниот свет на длабочините на езерото и комплексноста на космосот, на задоволството, жената и љубовта… Неговите поетски слики со виртуозен потег го доловуваат светот на границата помеѓу сонот и јавето, меѓу земјата и космосот, царствата на растенијата и цвеќето, убавините на охридските нимфи.
Се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, но во 1947 година е исклучен од истото како „неталентиран“. Работел како цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид во 1954 година. Изложувал со над 30 самостојни и 100 групни изложби, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот.
Првпат во странство Наумовски се претставува во 1961, додека во 1967 година станал член на ДЛУМ, кое на изложба во 1969 година му ја доделил наградата „Свадбен венец”. Истата година градот Охрид му ја доделил наградата за сликарство „Седми ноември”, година која е забележана и по неговото целосно преминување во сликарството како слободна професија.
Во 1974 година, Наумовски е награден со Гран при за сликарство од Колекцијата „Винстон” во Женева, ја добил и наградата за сликарство „Нерешки мајстори” на ДЛУМ, а во 1979 година стана член на италијанската Academia Italia de belle Arti e del Lavoro, од каде што е номиниран и за академик. Во Италија е награден и со Premio d’ Italia 1980.
На првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981 година добил откупна награда, а во истата година и награда за цртеж од Музејот на современата уметност во Скопје.
Во 1984 година италијанскиот Centro Studi e Ricerche delle Nazioni му ја доделил наградата „Premio Mondale della Cultura” и „Statuata della Vittoria 1984″, a Academia de Europa од Италија наградата „European Banner of arts” со златен медал.
Во 1982 година македонскиот режисер Александар Ѓурчинов снимил филм за Вангел Наумовски, во кој се прикажува неговиот живот и творештво.