На денешен ден е роден Ордан Петлевски (Прилеп, 24 август 1930 – Загреб, 22 јануари 1997), македонски сликар. Една од клучните фигури на современата македонска и хрватска ликовна уметност.
По дипломирањето на Академијата за применета уметност во Загреб во 1955 година, тој живеел во Хрватска, каде продолжил на специјализација кај хрватскиот уметник Крсто Хегедушиќ (1955-1960 година). Во два наврати заминува на краток студиски престој во Париз.
Од крајот на 50-тите се вклучува во ликовниот живот во Загреб, каде што слика, илустрира книги и ги изложува своите дела.
Бил еден од иницијаторите за основање на Музејот на современа уметност во Скопје во 1963 година.
Одржал голем број самостојни изложби во Скопје, Сараево, Белград, Загреб и Париз. Излагал на Венециското биенале во 1964 година со тогашната загребска репрезентација со Отон Глиха, Едо Муртиќ, Златко Прица, Франо Шимуновиќ, Војин Бакиќ и Душан Џамоња.
Контекстуалните рамки на сликарството на Петлевски се движат од фантастиката и надреализмот до енформелот и сликарството на материја, типично со биоморфни облици на монохроматска позадина.