Јана Стојановска наградена за најдобра женска улога во филмот „Епизодист“

Јана Стојановска доби награда за најдобра женска улога за краткиот филм “Епизодист“ на второто издание на фестивалот “Silent River Film Festival” кој се оддржа од 11-14 октомври во Irvine, California.

Филмот беше номиниран во две категории, за најдобар краток филм на фестивалот и за најдобра женска улога во краток филм. На фестивалот во краткометражната категорија се натпреваруваа 31 филм од 10 држави во светот.

Ова е трета награда за краткиот филм “Епизодист“ кој е во режија на Игор Алексов а во продукција на “Квазар филм“ од Скопје. Претходно филмот е награден на Скопскиот филмски фестивал за најдобро краткометражно остварување и на “Holly Shorts” каде што ја доби наградата за најдобар интернационален краток филм.

“Епизодист“ е горчлива приказна за две различни времиња, два политички различни система, две различни судбини на еден ист лик околу кој, злото, лицемерието и суровоста на моќта остануваат исти. Злоупотребата на силата и моќта за да се добие посакуваното без разлика дали ќе биде уништен еден човечки живот, неговите соништа и идеали, е основната линија во приказната на овој краток филм.

Краткиот филм “Епизодист“ е приказна од Александар Русјаков, продуцент е Блаже Дулев (Квазар филм), директор на фотографија е Душан Кардалевски, сценограф е Влатко Зафирковски, монтажер е Тања Рибарска (Квазар филм), костимите се на Раде Василев, музиката е на Доријан Јовановиќ, шминката е на Жанета Димитриевска, дизајн на звук е Дарко Спасовски – Пацки (Квазар филм), пост продукција на слика е Ванчо Мираковски (Квазар филм), а анимацијата и специјалните ефекти се на  Александар Стојановски (Квазар филм).
Во филмот покрај Јана Стојановска играат уште: Силвија Стојановска, Предраг Павловски, Игор Ангелов, Славица Јовановска, Кирил Ристески и Благица Трпковска.

You May Also Like