Препев на српски на поетот Филип Димкоски и претставување пред младата читателска публика

Банатскиот културен центар од Ново Милошево, Република Србија, на почетокот на месецов на српски јазик ја објави поетската книга за деца „Заедно да растеме“ од Филип Димкоски.

Препевот го направи м-р Снежана Алексиќ-Станојловиќ, рецензент е Власта Н. Цениќ, илустрациите се на Александра Ацеска, дизајнот е на Сенка Влаховиќ, а уредник на изданието е Радован Влаховиќ.

Книгата која ги освои детските срца во Македонија, на одличен прием наиде и кај најмладата српска читателска публика. Истата во текот на март свои претставуања имaше пред повеќе од шестотини ученици во неколку училишта во Нови Сад, Србобран, Сремски Карловци и Суботица, a беше промовирана и на Саемот на книгата во Нови Сад.

  • Игравме, пеевме, погодувавме, учевме српски и македонски зборови, учевме да ја сакаме природата, да користиме убави зборови, да јадеме овошје и зеленчук и заедно растеме. Научивме дека се расте од здрава храна, од цврст сон, од убави зборови и од љубов. Средбите со децата беа моменти на бескрајна среќа, ни раскажува авѕорот Димкоски.

Во ОУ „Велко Влаховиќ“ заедно со наставничката, поетеса и преведувач Снежана Алексиќ Станојловиќ тие одржаа интерактивна средба, а на крај со учениците, наставниците и директорката Љубица Грубач, засадија липа-спомен и споменик на српско-македонското пријателство, подарок од Филип во знак на љубов и долгогодишна соработка со ова училиште.

Во Суботица пак, во населбата Палиќ, Филип го посети ОУ „Мирослав Антиќ“ во чест на Денот на училиштето. Со учениците од прво до четврто одделение и иницијаторот на средбата, наставничката и поетеса Дијана Ухерек Стевановиќ, засадија сина јаглика пред споменикот на големиот поет Мирослав Мика Антиќ, сина јаглика како сината ѕвезда од неговата песна.

Магични, чудесни и на свој начин посебни беа и средбите во другите градови. Во Србобран, учениците од ОУ „Јован Јовановиќ-Змај“ и наставничката Снежана Станојев сакаа да научат што повеќе нови зборови на македонски јазик, а цвеќето што го добија на подарок од поетот, го крстија Филипко.

Во библиотеката на Сремски Карловци, промотивниот карван стигна токму на денот на роденденот од библиотекарката Сузана Сигети. Гостите-децата од градинката Вини Пу, не само што си играа и слушаа поезија, туку и ги вкусија плодовите од овошната и зеленечуковата кошничка.

Инаку, книгата „Заедно да растеме“ минатата година од страна на Хрватското книжевно друштво беше наградена со наградата „Книжевно перо“ за најдобра книга за деца во регионот.

Авторот Димкоски, досега посетил триесетина училишта во Македонија, Србија и Бугарија а годинава во март и април во чест на поезијата, екологијата, пролетта и литературата за деца продолжува со посета и работилници во училиштата низ Македонија. Одржани се средби во ОУ „Дане Крапчев“ и ПОУ „Иднина“ во Скопје, а на ред се средбите во Прилеп, Битола и други градови.

  • Чувството дека вашата поезија е препознаена и прифатена од една многу специфична читателка публика и не само во татковината туку и надвор, е навистина најголем успех и признание, а дека нешто добро сте направиле говори рефлексијата од читателите и слушателите. Мотивација и инспирација е чувството дека правите нешто добро и дека прнесувате некаква порака, имте некаква цел и мисија. Покрај тоа, интерпретирајќи и јас учам и од децата, но и од сопствените песни, вели Филип Димкоски .

You May Also Like