Петре Мито Андреевски (попознат како Петре М. Андреевски; Слоештица, Демирхисарско, 25 јуни 1934 — Скопје, 25 септември 2006) — македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор.
Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања. Во мај 2000 година бил избран за редовен член на МАНУ.
Петре М. Андреевски е роден во демирхисарското село Слоештица, во 1934 година. Основно образование завршил во родното село, гимназија во Битола, а студирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата по југословенска книжевност. Работел во Македонската телевизија, а бил и уредник на списанието „Разгледи“. Андреевски бил член на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонскиот ПЕН центари на Друштвото на писателите на Македонија (од 1964 година, a во 1983 година бил и негов претседател).
Петре М. Андреевски почина на 25 септември 2006 година во Скопје. По неговата смрт, на 9 октомври 2007 година, посмртно му е доделен Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.
Творештвото на Андреевски е разновидно и опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски итн. Во два наврати (1984 и 2002 година) биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома, соодветно.
Стихозбирки:
- Јазли (1960)
- И на небо и на земја (1962)
- Дениција (1968)
- Дални наковални (1971)
- Пофалби и поплаки (1975)
- Вечна куќа (1987)
- Лакримариј (1999)
Збирки раскази:
- Седмиот ден (1964)
- Неверни години (1974)
- Сите лица на смртта (1994)
- Боеми (посмртно)
Романи:
- Пиреј (1980)
- Скакулци (1983)
- Небеска Тимјановна (1988)
- Последните селани (1997)
- Тунел (2003)
- Бежанци (посмртно)
Книга со драми (1984), во која влегуваат:
- Време за пеење
- Богунемили
Есеи:
- Сегашно минато време (2006)
Стихозбирки за деца:
- Шарам барам
- Касни порасни (сликовница)
Андреевски бил добитник на наградите: „11 Октомври“ (во 1968 година), „Браќа Миладиновци“ (двапати), „Рациново признание“ (двапати) и „Стале Попов“ (двапати). Романот “Пиреј“ македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза, а збирката “Дениција“ ја има означено како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.