Автохтони врзивни точки на живеење во Македонија

По повод втората порака на Арсим Зеколи од 23 јули 2020 година:

Отвори суштинска дебата за односите меѓу Албанците и Македонците, со фокус на социјала и економија како врзивни точки. Но по нови стандарди, не според салонските шеми и без странски фондации. Твоето поле не се конференциите, туку средната класа, младата интелектуала, малиот бизнис.

Во оваа порака, всушност, се темели суштската организираниот на животот во Македонија, имајќи го предвид составот на населението и нивните потреби. Во пораката се посочени два темелни сегмени од општеството како клучен предуслов за севкуното изградување на системот на функционирање.

Тука би сакал да посочам примери од културата, која секогаш е авангарда во општественото живеење, иако речиси секогаш е при крајот во медиумскиот простор за известување, односно го зазема просторот меѓу главните теми и временската прогноза. Е во тој меѓупростор, ако се изострат подобро рецепторните сетла, ќе се забележи дека во Македонија културата веќе покажала конкретни примери, кои дури можат да бидат земени како прототип за врзивните точки во социјалата, економијата…

Зарем може да се пренебрегне Прилогот кон проучувањето на македонско-албанските јазични контакти на преспанскиот боем од Асамати или жртвата на сликарскиот повратник од Италија за да ја создаде Уметничката галерија во Тетово или, пак, јубилејот за бардот на современото македонското сликарство – Мазев, организиран од елегантанта сликарка во Даут пашиниот амам, која, патем речено, е автор на мислата: „Па вам Личеноски ви е државата“. Но има и есенцијални примери, како на колешката која беше „концерт-мајстор“ во истражувањето на фрескосликарскиот опус, датиран во 1317/18 година од великите мајстори Михаил и Евтихиј во црквата Св. Ѓорѓи, Старо Нагоричане, за да се искористат европските фондови, и која, меѓу другото, во толкувањето на сликарските опуси се изразува подобро од Македонците, а круна на примерите е реченицата на ѕвездата на повеќето состаноци во заштитата на културното наследство: „Јас да бев Македонец, а Македонија да има ваков исклучително вреден фрескоживопис, како најпатриотски чин ќе вработев 30 конзерватори за фрески, а не да се грабаме за преостанатите двајца“. Ова не се примери од кафана зачинети со пијалакот, придружник на салатата, ова се документирани и аргументирани институционални збиднувања. Со други зборови, прототип за поставување врзивни точки во македонското општество има, и уште повеќе, но треба да се поместат од меѓупросторот пред временската прогноза на иницијална позиција.

Но ова се сепак индивидуални заложби на веќе изградени и профлирирани личности во дадена област. Тоа што треба да се направи е индивидуалната заложба да прерасне во системно делување. Културното насладство, како чувар на идентитетските обележја би можело, но и треба да биде првата врзивна точка, но не како клишеа од патриотски viber стикери, ами како системски организирана дејност.

Бидејќи сме земја со долга вертикала во културолошката стратиграфијата, користењето на името или обликот на културно наследство за комерцијални цели е една од неискористените форми на делување во XXI век, така како што доликува на едно општество изградено по мерките на времето во кое живее. Смислата на регулирањето на ова прашање е дадено во Законот за заштита на културното наследство и претставува подведување на таквите дејства под режим на авторизација. Всушност, се работи неопходност од обезбедување соодветна контрола над таквиот облик на посегање кон интегритетот на заштитените добра и спречување на можните злоупотреби при нивната комерцијализација од тој вид.

Користењето за кое станува збор се однесува првенствено на ситуациите кога името, обликот или друг препознатлив дел на заштитено добро се употребува за промотивни активности на стопанските субјекти насочени кон: а) создавање имиџ на фирмите и нивна промоција; б) создавање имиџ и промоција на производи и в) создавањето имиџ и промоција на услуги. Во таа смисла, на пример, имињата на повеќе археолошки локалитети се употребени како дел од називите на повеќе фабрики или други стопански субјекти (фабриката „Баргала“, „Хераклеја“) или како називи на одредени производи (минерална вода „Кокино“, прехранбен производ „Стоби флипс“, вино „Стоби“), а во голем број туристички понуди, по правило, редовно се застапени најпознатите заштитени добра, како што и многу поединечни објекти или нивни делови се аплицирани во форма на сувенири. Во случајот, проблем претставува тоа што недлежните државни органи и натаму имаат инертен однос кон спроведување на Законот, што се потврдува преку фактот дека досега не се преземени никакви дејства ниту во поглед на авторизацијата ниту во поглед на санкционирањето на неовластената употреба на име, облик или друг препознатлив дел на заштитено добро во комерцијални цели.

Примери за вакво делување имало и во поранешната Југословенска Федерација, кога со Законот за обнова на загрозени споменички целини на Дубровник од 1986 година е уреден процентот на наплата за употребен знак или грбот на Дубровник или негов препознатлив дел на: фотографија, значка, налепница, сувенир… Затоа можеби Хрватска денес предничи во ова комерцијалното ползување на културолошките потенцијали со воведувањето на данокот споменичка рента на почетокот од веков. Таа тоа го има направено многу едноставно, преку три главни столба: 1) наплата за директно користење на спомениците или споменичките целини; 2) собирање рента преку цените на услугите и производите и 3) собирање рента од индиректно користење на споменикот. Дополнително, ова оданочување е организирано и на државно и на жупаниско ниво, секако според тамошната формација на државата. 2004-тата, годината која претставува зародиш на споменчката рента во Хрватска, собрани се вкупно 9,3 милиони евра, и тоа 6,7 милиони евра преку индиректно користење на спомениците, додека од директното користење се собрани 2,6 милиони евра.

Има автохтони врзивни точки, нема потреба од готови шематски и неизвесни проекти. Време е декларативната дијагноза на општеството да се замени со оперативно делување!

м-р Александар Јорданоски

You May Also Like