Европски денови на културното наследство 22 – 28 септември 2022 година. „Одржливо наследство“ е темата на Европските денови на културно наследство 2022. Со тоа се става фокус на активната улога на заедниците, коишто градат поодржлива и посигурна иднина за европското наследство, во контекст на климатските промени и ризиците што тие ги носат.
Европските денови на културното наследство, како заедничка иницијатива на Советот на Европа и Европската комисија, се помеѓу најшироко одбележуваните културни настани во Европа. Повеќе од 50.000 настани што ќе се реализираат годинава низ целиот континент, имаат за цел да ја препознаат вредноста на заедничкото европско наследство и потребата тоа да се сочува за денешните и идните генерации.
„Одржливиот развој е еден од приоритетите на Советот на Европа. Нашата организација придонесе кон создавање на заеднички правни основи во Европа за биодиверзитетот, менаџирањето на природните ресурси и просторното планирање. Ја поздравувам темата на Европските денови на културното наследство 2022 – „Одржливо наследство“, бидејќи таа претставува релевантна можост да се подигне свеста за борбата против деградацијата на животната средина и климатските промени, како и да се развие култура на одржливост, со цел да се заштити различноста на културите.“, изјавува Генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, во заедничкото соопштение за медиумите на Советот на Европа и Европската комисија.
Во текот на септември, низ цела Европа се одвиваат најразлични активности (изложби, работилници, перформанси, организирани посети со водичи), коишто го промовираат одржливото наследство, во исто време истакнувајќи го значењето и на природните добра и биодиверзитетот.
„Оваа година го славиме наследството низ призмата на одржливоста, којашто не би можела да биде порелеванта, по очигледните и драматични знаци на климатски промени, низ коишто нашиот континент помина ова лето. Во таа смисла, Европските денови на културното наследство претставуваат одлична можност да се подигне свеста за ризиците со коишто е соочена животната средина, како дел од нашето споделено наследство, и да се преземе одржлива и одговорна акција за нејзина заштита. Не само поради нас самите и за заштита на нашиот културен идентитет, но и за да бидеме сигурни дека ќе оставиме наследство за идните генерации“, изјави Мариа Габриел, Европски комесар за образование, култура и младина.
Во Македонија, Европските денови на културното наследство ќе се организираат во периодот од 22 – 28 септември 2022 година. Во манифестацијата ќе земат учество дваестина музеи, граѓански здруженија и други институции од четиринаест градови и села во целата земја.