Еден од најголемите џез музичари на Балканот, Васил Хаџиманов, ќе биде специјален гостин на заедничкиот концерт на двајцата виртуози Влатко Стефановски и Стефан Миленковиќ, кој што ќе се одржи на 1-ви август на Античкиот театар во Охрид, во рамките на фестивалот „Охридско Лето“.
Проектот кој што доживеа голем успех на премиерата во Белград, овој пат на промоцијата во Македонија, ќе биде зачинет и со гостувањето на исклучително талентираниот пијанист и композитор Васил Хаџиманов кој никого не остава рамнодушен.
-Идејата за овој состав беше Стефан Миленковиќ да отсвири нешто што до сега не свирел: џез, етно, фјужн, помодерна музика невообичаена за него. Во Белград, Сава Центарот беше наполнет 3 пати и беа продадени над 10 000 карти. На концертот во понеделник јас ќе бидам само специјален гостин кој во еден момент ќе влезе со заедничка изведба на помодерно аранжирана традиционална музика, каква што Влатко ја прави и во изведба на класична музика во модерен стил.
Секогаш било одлично кога сум настапувал во Македонија и особено ми е драго што ќе бидам дел од овогодишното „Охридско лето“- изјавува Васил.
Интересот за џез и исклучителниот талент на овој музичар му овозможија полна стипендија за учество во Интерлохен Артс Кампот – две лета по ред, а самото тоа му даде можност да свири и со многу познати музичари како Милт Џексон, Куртис Фулер и Бајрон Стриплинг. Во 1995 година дипломираше на музичкиот колеџ Беркли во Бостон, со огромна поддршка од неговите учители Реј Сантиси и Лазло Гардони. Во текот на студиите во Беркли, Хаџиманов настапуваше со Мет Герисон, Рицк Пекхем, Лерој Џенкинс и Џорџ Гарзон. Со феноменалниот Паскал Бокарови и неговиот афро – поп бенд излезе и на американска турнеја.
Во септември 1996 година, Васил се пресели во Њујорк, каде продолжи да соработува со некои од најдобрите млади музичари: Дејвид Гилмор, Дејвид Бини, Крис Чик, Марк Џорџевиќ, Дени Садовник итн. Истовремено, работеше и како музички програмер во студиото Томанданди (авторите на саундтракот на Килинг Зое). Освен ова, Васил настапуваше и со бројни музичари од Бившите југословенски простори. Меѓу нив се најдоа и Јован Маљковиќ, Душко Гојковиќ, Стив Гут, неговите Бисера Велетаниќ, Зафир и Сенка Хаџиманов како и со Рамбо Амадеус. После неколку години поминати во Њу Јорк реши да се врати во Србија и да го основа бендот со кој функционира и ден денес. Бендот го носи името Васил Хаџиманов Бенд.
Идејата на Васил за комбинирање на балканските традиционални, фолк ритмови и западните модерни музички стилови – џез, фанк во неговата музика е целосно автентична и претставува нов пристап во џез музиката. Во 2001 година тој го издаде својот прв албум – 11 разлога за… под потписот на ПГП рекордс. Првиот тираж се распродаде за само 3 месеци. За овој негов првенец албум, тој доби награда и тоа за најдобар деби албум на Беовизија во 2002 година.
Во летото 2002 година, Васил почна да компонира и филмска музика. Бендот на Васил Хаџиманов му се придружи на Горан Паскаљевиќ во неговата филмска екипа и тоа за снимањето на документарен филм за Белград. Васил ја компонираше музиката, а бендот, предводен од перкусионистот Бојан Ивковиќ глумеше и свиреше во филмот. Музиката на Хаџиманов, може да се слушне и во филмот 011 Белград, како и во веќе и кај нас познатиот „Кога ќе пораснам ќе бидам Кенгур“. Се покреативен и помоќен, во 2003 година, Васил го објави својот албум „Кафанки“ – кој набрзо беше во продажба низ цела Европа.За овој албум тој освои награда на Сунчане скале – за најдобар инструментален албум. После албумот „3“ кој излезе во 2007-ма година две години подоцна Васил го издаде неговиот моќен и полн со адреналин албум – наречен „Живота ми“.
Концертот на Стефановски и Миленковиќ ќе се одржи на античкиот театар во Охрид, а ќа започне во 21:00 часот. Влезниците по цена од 1000 денари можат да се набават во Тобако Тугедр салоните, Цвеќара Розе Веро 2, на плоштадот во Охрид и на продажните места на МкТикетс.