Во периодот од 16 до 19 август, Вевчани e домаќин на 8-от по ред фестивал на народна култура „Пображење“ во организација на Културно Уметничкото Друштво „Дримкол“, од Вевчани.
– Целта на овој фестивал е да ја афирмира Македонската духовна култура и традиција, да овозможи запознавање со културата и традицијата на други земји низ светот, да ја збогати туристичката понуда на општината. Вевчани одсекогаш бил достоен чувар на Македонската традиција, со векови го негува и презентира фолклорното творештво на својот народ, па токму затоа и овој фестивал е само уште една потврда за нашиот однос кон културното наследство на Вевчани и Македонија, изјави претседателот на КУД ,,Дримкол,, од Вевчани, м-р Тошо Чочороски.
Оваа година на големата летна сцена во Вевчани на 17 и 18 Aвгуст настапуваат над 500 уметници членови на фолклорни ансамбли од: Македонија, Полска, Естонија, Чешка, Словачка, Литванија, Босна и Херцеговина како и професионална фолклорна група од Куба.
Стручниот совет на фестивалот во состав: проф. Д-р Мирјана Мирчевска, проф. Д-р Велика Стојкова – Серафимовска, проф. Д-р Даворин Трпевски, Јовица Блажески и Наташа Кукоска, ќе ги оценуваат сите ансамбли кои ќе презентираат изворен фолклор, а за најдобриот ансамбл организаторот доделува плакета „Чувари на изворната традиција“.
Фестивалот започна со вечерта посветена на етнолошкиот филм кога ќе бидат прикажани етнолошки филмови од Музејот на Македонија и Македонското етнолошко друштво, а свои обраќања имаа и етнологот при музеј на Македонија Владимир Боцев, како и директорот на Институтот за фолклор, Зоранчо Малинов.
Покрај сценско уметничката презентација на орската, инструменталната и вокалната култура, во рамките на фестивалот секоја година се реализира и програмската содржина: Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници.
Годинава на оваа тема во Вевчани ќе сликаат: Славица Секулоски, македонка која живее и твори во Холандија и Марјан Стојаноски од Струга.
Фестивалот завршува на празникот Преображение Христово на 19 август со етно звуците на Ансамблот „Климе Садило“ од Охрид и со вокално-инструментална изведба на оркестарот и пејачката група при КУД ,,Иван Горан – Ковачиќ,, од Сисак, Хрватска.
Фестивалот е под покровителство на министерството за култура и на Општина Вевчани.