Јубилејна изложба – 30 години Ликовна колонија Галичник

На 9 октомври, 2019 година (среда) во 20.00 часот во Националната галерија на Македонија, објект Мултимедијален центар Мала станица ќе биде отворена јубилејна изложба – 30 години Ликовна колонија Галичник.

На изложбата ќе биде претставен селектиран избор на дела од сите досегашни сесии на колонијата, а ретроспективата ќе биде проследена и со елабориран каталог.

Како резултат на тридецениското постоење на оваа колонија, на изложбата се вклучени дела од повеќе уметнички техники, почнувајќи од класичните, како што се масло на платно, склулптура во дрво, метал, колажи, до инсталации, дигитални принтови, фотографии, графички инсталации, видео проекции, звучни инсталации, интернет проекти со аугментативна реалност итн. Огромниот број на автори, домашни и странски, ќе бидат претставени на оваа изложба, со што се надеваме дека достојно ќе биде одбележан овој долг творечки период и ќе биде привлечен за нашата кутурна и уметничка јавност.

Ликовната колонија Галичник, која ја основа Нове Франговски (1939-2017), отсекогаш била посебна визуелна манифестација во нашата држава чија причина за постоење е да се воведе еден специфичен квалитативен сензибилитет во заедничко работење на група интернационални и домашни автори. Целта не е репетитивност во изборот на автори, квантитет на продукција, л’арт пур л’арт оправданост во импресионистичкиот манир, туку една современа форма на промоција на уметноста, која овозможува квалитетни средби, резиденција во визуелен јазик адекватен на современите текови во уметноста, манифестација која овозможува суштински контакти клучни во создавање на уметничко вмрежување кое пак од друга страна е плодно тло за афирмација на македонската култура и уметност во светот.

Изминативе 30 години сите активности на Ликовната колонија Галичник ја докажаа оправданоста за опстојувањето на оваа манифестација, а секако и единственоста, т.е. уникатноста на оваа резиденција од сите останати во земјата и регионот. Таа е веќе препознатлива визуелно-уметничка активност на светската арт мапа.

Селектори на изложбата беа д-р Сања Којиќ Младенов, виш кустос од Музејот на современата уметност од Нови Сад и Ана Франговска, претседател на колонијата.

You May Also Like