Изложба „Жанр-сцени од колекцијата на Националната галерија“ во Мала станица

Од 7 септември 2022 година, изложбата „Жанр сцени од Колекцијата на Национална галерија“ ќе биде достапна за публиката  во објектот Мала станица.

Изложба ќе биде отворена во среда (7 септември), во 13 часот. Тематската изложба „Жанр сцени од Колекцијата на Национална галерија“ е програмска изложба од Годишната програма на Националната галерија на Македонија, и ќе трае заклучно со 10 октомври 2022 година.

Во периодот додека поставката ќе биде на програма, Националната галерија традиционално се придружува на одбележувањето на Европските денови на културнотo наследство, нajшироко прифатен партиципативен културен настан кој што го споделуваат граѓаните на Европа.

Повеќе од 70 000 настани се организираат во педесетте земји – потписнички на Европската културна конвенција. Заедничката, сеевропска тема на овогодинешното одбележување ќе биде „Одржливо наследство“. Се предвидува централното одбележување и кај нас да се реализира во периодот од 22 до 28 септември 2022 година.

На изложбата ке бидат изложени околу 80-ина дела во различни сликарски техники и скулптури кои се карактеризираат со буквална „секојдневност“ и „обичност“ на претставување на сцените, со задолжителна дискретна поента во постоечките елементи на драматика, сатира, дидактика, па се до вклучување на романтизам и сентименталност. Жанр-сцената го опфаќа човекот како фокус, во неговото опкружување. Се забележува претстава на пазари, ентериери, ликови во ентериер, улични настани.

Додека, во воопштената смисла на темата, тука спаѓаат селскиот и градскиот мотив, како и верските мотиви, со присуство на човекот и спонтани животни ситуации кои како краен ефект ја доловуваат уметничката визија на вистинската слика на животот, во која секој гледач може да почувствува поврзаност и близина.

Преку оваа тематска изложба, се добива ретка можност да се видат дела од депоата на Национална галерија, некои неизложувани, а некои по подолг период ќе бидат претставени на јавноста. Делата се од исклучителна важност, и воедно, ова е тема која не била застапувана повеќе години, така што е нагласен едукативниот момент кај младите генерации, да се запознаат со нашето културно богатство, и реномираните автори од нашите простори, од државата и поранешните бивши југословенски републики, во сопственост на Националната галерија. Селектиран е конкретен ликовен мотив- жанр-сцена, со презентирање на дела од фундусот на Националната галерија, која изобилува со вакви теми.

Авторите се повеќемина на број, од нашата ликовна сцена, како и од бившите југословенски простори. Тука, може да се спомне само одреден дел автори застапени на оваа изложба: Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Љубомир Белогаски, Димче Протуѓер, Василие Поповиќ- Цицо, Томо Владимирски, Богољуб Ивковиќ, Александар Ивановски Карадаре и др.

Додека од странските автори застапени на оваа изложба ќе бидат Коста Хакман, Целестин Медовиќ, Вилим Свечњак, Крсто Хегедушиќ, Омер Мујаџиќ, Миќа Поповиќ, Надежда Петровиќ, Весна Соколиќ и др.

You May Also Like