Изложба на Трајче Чатмов во галерија Ел Греко

Изложба на академскиот сликар Трајче Чатмов во галеријата Ел Греко во центарот на Скопје, која ќе се отвори на 3 мај (вторник) 2022 година, со почеток во 20 часот.

Ќе бидат изложени 20тина дела работени во последната година во техника акрил на платно . Слики кои досега не биле изложени и кои се продолжување на циклусот „Интимно Понирање“ но и слики со една нова колористична гама.

„Дали закопувањето на контаминирана земја со цезиум во земјена дупка, е чин со кој ја спасуваш останатата земја и се на неа? Дали ако носиш парче од некое свое дело во џебот го носиш и целото дело? Дали ако си говориш себе си на некој неразбирлив јазик, е разговор со самиот себe? Дали возењето со ист автомобил во кој се возел друг човек значи дека си се возел со истиот човек?
Понекогаш е полесно нештата да ги предвидиш одколку да ги погледнеш наназад. Добро е да гледаш нанапред со сликата. Малку гледаме нанапред иако иднината го бара тоа од нас. Сакаме да ја менуваме иднината, таа е мистериозна, таа нуди дарови и слики.
Погледот на минатото е поглед на слика од коцки и кругови(намерно не велам топки), таа не учи и ја има моќта да не охрабри. Можните истории ги нуди само иднината, оној момент кога ќе го разбереме тоа, разбираме зошто минатото е такво. Сакаме ли некако наназад да ја (по)влечеме иднината? Дали можеме да бидеме во исто време и во минатото и во иднината? По некаква логика тоа е (не)можно, или ако еден лист хартија го превиткате на пола, две точки од него ќе се најдат на исто место.
Создавањето уметност врз почва полна со „храна” е убаво. Дискусијата за создавањето уметност секогаш треба да го има предвид времето во кое таа е создадена. Дискусијата за создавањето уметност секогаш треба да ги има предвид општествените услови во кои таа е создадена. Нема добри услови за создавање уметност. Добрите услови се одтаде уметноста.
Диктатурата е едно од местата во кои се создавало уметност. Медиумскиот “розев” мрак исто така. Мракот и светлината се услови во кои е подеднакво создавано. Мракот и светлината се како просторот и формата. Просторот ја дефинира формата. Сликарството кога е различно има можност да биде објаснето. Почитта е етички-ликовен момент. Сликарството има моќ да учи. Без учење нема сликарство. Рефлектирањето вон сликарството е утопија. Рефлектирањето во сликарството е историја или повеќе можни истории.

Еднаш напишав: „Предзнаењата се одлични” и „Легендите се за читање”.
Сега дополнувам: “Читајте ги сликите на Чатмов!”“

Проф. Гоце Наневски

 


Основана во 1993, Галеријата Ел Греко е една од првите професионални галерии во Скопје која игра важна улога во промовирање на македонската современа уметност.
Лоцирана е на улица Mаксим Горки бр.17 ,во центарот на градот.

You May Also Like