На денешен ден: Починал Драгутин Аврамовски-Гуте

На денешен ден (12 септември) починал Драгутин Аврамовски-Гуте (11 март 1931 во Куманово — 12 септември 1986 во Скопје) — истакнат македонски академски сликар и графичар.

Тој е еден од основачите (1980) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, станува професор на графичкиот отсек и прв декан на овој факултет (во 1985).
Во 1951 година го завршува Уметничкото училиште во Скопје (каде професор му бил Лазар Личеноски) на отсекот за сликарство и се запишува на Академијата за применети уметности во Загреб, каде од 1953 до крајот на студиите е демонстратор на графичката група. Во 1955 дипломира на отсекот за сликарство, група графика во класата на проф. Е. Томашевиќ и Д. Кокотовиќ.

Во Македонија станува член на ДЛУМ и работи дизајн во Декор биро и сценограф во Куклениот театар во Скопје до 1957.

Во 1959 (и во 1961 со сопругата како стипендисти на фондот „Моша Пијаде“) заминува на престој во Париз, а во Скопје станува професор по графика во Училиштето за применета уметност, каде што го формира графичкиот оддел. В0 1964 е член на Иницијативниот одбор за основање на Музејот на современата уметност – Скопје и го изработува првото лого за институцијата. 1966 ја добива наградата „11 Октомври за сликарство“. До 1972 работи во МНТ. Во 1967 изработува проект и учествува во основањето на Уметничката галерија во Куманово.

Тој бил еден од првите македонски апстрактни сликари и има посебен придонес за развитокот на современиот графички израз во Македонија. Се занимавал и со сценографија и со илустрација, графички дизајн, амблеми, плакети.

Кон крајот на 50те и 60те години на 20 век ги следи појавите на европската културна сцена, концентрирајќи се на зрелите остварувања на енформелот. По реалистичката нарација, карактеристична за академскиот период, до енформелот, односно до сликарството со материја, доаѓа откако ќе го прочисти својот јазик истражувајќи со кубистичката лексика, експресионизмот, метафизиката и надреализмот. Неговиот графички ракопис на почетокот се состои од реалистичко-експресионистички ракопис, симболички знаци и завршува целосно со апстрактен јазик.

Во негова чест, Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, студиската програма по графика и Фондацијата „Драгутин Аврамовски-Гуте”, традиционално над 30 години ја организираат изложбата „Студентска графика – Драгутин Аврамовски-Гуте”.

Извор: Национална галерија

You May Also Like