Ненадејно, во својот дом во Скопје, на 23 октомври почина Владо Цветановски, истакнат македонски театарски и филмски режисер, долгогодишен професор по актерска игра на Факултетот за драмски уметности.Помеѓу 2000 и 2001 бил управник на Македонскиот народен театар.
Цветановски е роден 1959 година во Слоештица, Демир Хисар. На Филозофски факултет во Скопје апсолвирал историја на уметноста и археологија (1980). Дипломирал на отсекот за интермедијална режија на Акедемијата за уметностите во Нови Сад (1983), во класата на професорот Боро Драшковиќ.
Во текот на својата интензивна, исклучително успешна, безмалку тридецениска кариера, Цветановски режирал шеесеттина претстави за кои освоил дури 12 најугледни професионални награди, македонски и странски. Театарот во кој верувал, ама и умеел маестрално да го практикува и во овие нашиве скудни техничко-технолошки услови, бил куражен возвишен, скоро па идеален, секогаш втемелен на импресивните сценски слики. Вложувал немерлива творечка и работна енергија, за знаењето и за дарбата да не зборуваме, за тие свои моќни слики да ги внесе во нашево кревко театарско паметење.