Ликовниот уметник, професор Владимир Георгиевски и на писателот од Скопје Халил Зендели, вчера (23 октомври) во „Музејот на македонската борба за државност и самостојност“ им беше врачена државната награда „23 Октомври“ за 2012 година. Наградата ја врачи претседателот на Одборот за доделување на наградата, академик Владо Камбовски. Таа претставува поттик за научниците, уметниците и творците во сите подрачја на општествениот живот, валоризација на нивниот придонес кон иднината.
– Историскиот настан што го симболизира денешниот празник ја помина проверката на времето и со право го доби квалификативот на почеток на Македонската револуционерна борба, затоа што е потврден со последователните значајни датуми: 2 Август 1903 година, 11 Октомври 1941 година, 2 Август 1944 година и како круна на историското зреење – 8 Септември 1991 година, Денот на референдумот и историската одлука на македонскиот народ и деловите од другите народи кои живеат во Македонија за прогласување на самостојна, суверена и независна држава, изјави Камбовски.
Ликовниот уметник, професор Владимир Георгиевски изразувајќи благодарност, велејќи дека тоа за него претставува силна обврска да создава и понатаму славејќи ја силата на духот што ја слави слободата како силна внатрешна озаконетост.
– Во годините што се зад мене и бројните изложби разбрав дека сликарот целиот свој живот слика само една слика. Во таа слика е севкупното негово постоење со сите знаци што го чинат неповторливо и длабоко автентично. И таму во тие космички предели и пространства ако само еден убав и жив спомен остане во нашето срце, тој некогаш може да ни послужи како спасение, истакна Георгиевски.
Георгиевски меѓународно ја афирмира македонската ликовна уметност за што сведочат и неговите бројни награди и признанија. Покрај сликарството, тој се занимава и со склуптура, театарска, филмска и ТВ сценографија, како и со ликовно-литерарна есеистика.
Халил Зендели е познат писател на проза, драма, раскази и романи, како и новинар. Тој е одговорен уредник на Издавачката куќа „Ватра“. Неговите дела се преведени на македонски и на англиски јазик. Зендели е носител и на државната награда „Мајка Тереза“.