Гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска на концерт во Бугарија

Во рамките на претставувањето на музичкиот проект „Балканско патување“, гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска, на 27 март, со почеток во 18.30 часот, ќе одржи концерт во галеријата на Културно-информативниот центар на РСМ во Софија, Република Бугарија.

На концертот ќе настапат: Пламенка Трајковска – виолина, Милена Гиевска-Андоновска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска на виолончело. Аранжманите се на Пламенка Трајковска. Концертот е со поддршка на Министерството за култура на Македонија.

„Балканско патување“ претставува музичко-истражувачки проект, во кој се откриваат заедничките музички корени на балканските простори, богатата балканска музичка ризница и одделните мелодиски и ритмички елементи, кои се блиски на регионот, а за кои одделните народи сметаат дека се нивни автентични. Овие заеднички елементи се користени како основа за создавање нови композиции со гудачки квартет.

Во новите композиции струјат неколку доминанти елементи и тоа: влијанијата на класичната музика и сосема класичниот инструментариум на гудачкиот квартет – виолина, виола и виолончело, заедничките мелодиски и ритмички линии од сите региони на Балканот, како и аранжмански пристап кој има за цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион. Сите овие елементи се вткаени во нови музички слики со гудачки квартет и балканска музика, кои имаат само еден наслов: Балканска композиција“, вели Пламенка Трајковска.

Концертот „Балканско патување“ е покана и предизвик за слушателот преку интерпретација на балканските музички слики со гудачки квартет да се нурне во музичката ризница наречена Балканска музика за и преку неа да ја доживее историјата, културата и емоцијата на балканските народи.

ПЛАМЕНКА ТРАЈКОВСКА – наша еминентна виолинистка и композитор, е постојана членка на државната Филхармонија, како и на музичката организација „Пламенка Трајковска -мали камерни состави“. Има дипломирано на ФМУ, во класата на Проф. М. Куфојанакис и магистрирано на Економскиот факултет, при универзитетот ,,Кирил и Методиј“.

Трајковска гради и негува особен, богат, препознатлив музички израз, постојано проширувајќи ја жанровската и естетската рамка на своите оригинални, воглавно и мултимедијални музички програми. Развојот на камерната музика и доближувањето на класичната музика до најшироката публика, претставуваат повод за создавање и реализација на бројни музички проекти: автор е на албумот „Апасионато“, на единствениот македонски музички албум со кросовер на класичната и модерна музика, на сингловите „Светулки„, создадени во поп романтичен стил, а за најмладите – идните вљубеници во класичната музика, создаден е албумот „Карневал на животните“, од Камиј Сен Санс, адаптиран за виолина и пијано.

Посебен опус на Трајковска е создавањето врз основа на традиционалните фолклорни теми за кои креира аранжмани за гудачки квартет, во класичен стил и аранжмани на традиционални фолклорни теми, во кросовер стил, за гудачки квартет. Од овој опус се композициите: Мајка на Марика, Македонско Девојче, Јовано, Кољо, Слушам кај шумат шумите и Ој девојче .

Пламенка Трајковска има реализирано голем број концерти на најзначајните културни манифестации во Македонија, како и бројни настапи на концертните сцени во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција, Танзанија и Турција.

Национален координатор е на меѓународниот Лајонс музички натпревар Томас Кути. Ја има добиено титулата ,,Витез на хуманоста, за особена помош во заедницата и орден за посебни заслуги на Европскиот музички натпревар, од меѓународниот директор Брајан Шеран. Пламенка Трајковска е и добитник е на наградата ,,Жена со најголеми достигнувања во културата“, за 2022 година.

МИЛЕНА ГИЕВСКА АНДОНОВСКА е музичар изведувач- виолинист со педагошко- методолошка доквалификација.
Дипломира и магистрира на ФМУ во класата на професор Љубиша Кировски. По завршувањето на школувањето се приклучува на бројни музички проекти, како што е Коштана со Влатко Плевнеш и Кросовер со Пламенка Трајковска, а настапува и со преработки на ирски народни мелодии и други проекти. Гиевска Андоновска соработува и со културно уметнички друштва, како КУД Владо Тасевски од Скопје и со повеќе културно уметнички друштва од Куманово. Во моментов работи како професор по виолина во основното музичко училиште ,,Панче Пешев„ во Куманово.

ЉУБИЦА БОШКОСКА – виола, дипломира на ФМУ во класата на проф. Фросина Балова.
За време на своето образование учествува на натпревари за камерна музика и на семинари по виола. Учесник е во проектот Улични музичари на Град Скопје кадешто настапува со гудачки квартет. Има реализирано повеќе концерти низ Македонија: во Битола, Прилеп, Скопје, Ресен и во други градови. Професор е по виола во музичкото училиште во Тетово, во период 2014 до 2016 година. Во моментов е редовен член на Македонската опера и балет.

ПЕТКОВСКА АЛЕКСАНДРА – виолинчело, дипломира на ФМУ во класата на проф. Жифко Фирфов.За време на образованието учествува на бројни семинари кај професор Астрид Селита и кај професор Вернер Шмит. Настапува и со оркестарот на ФМУ и членува во помали камерни состави. Со младинскиот интернационален оркестар има настапувано во Берн, Швајцарија. Има реализирано концерти и во Италија, Босна и Херцеговина и во Хрватска.

Од 2009 година е надворешен член на државната Филхармонија. Моментално работи како професор по виолончело во МБУЦ Илија Николовски Луј.

You May Also Like